Рокот за доставување апликации на јавниот повик за Мерка 3 од ИПАРД Програмата која се однесува за инвестиции во материјални средства во преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи истече денеска. Како што информираат надлежните од подрачната канцеларија на Агенцијата за поттикнување на развој на земјоделството на јавниот повик за мерка 3 од ИПАРД Програмата нема пријавени земјоделци од кумановскиот регион.
-Имаше и ИПАРД од месец ноември објавен повик и продолжен рок за инвестиции во преработка на рибни производи, меѓутоа по тие програми речиси нема интерес во Куманово затоа што тоа се однесува за преработувачки капацитети, односно фабрики и фирми, изјави Џабир Рамадани, раководител на Агенција за поттикнување на развој на земјоделството во Куманово
Со повикот им се овозможува на домашните претпријатија и на земјоделските задруги да инвестираат во отворање преработувачки капацитети и опрема. Педесет отсто од инвестицијата ќе им биде кофинансирана, односно финансиските средства по поединечно барање се доделуваат како неповратна финансиска поддршка. Притоа, 75 отсто од средствата кои ќе бидат кофинансирани ќе бидат обезбедени од инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската унија ИПАРД 2014- 2020, а 25 отсто од државниот Буџет.
Инаку, земјоделските стопанства имаат уште 10 дена за подготовка на апликации за Мерка 1 „ Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства“. Рокот за доставување апликации за оваа мерка завршува на 9 февруари, информираат надлежните.