Нихилизам – зошто сѐ повеќе (не) веруваме во ништо?

Филип Клетников

Filip Kletnikov 400x500

Цивилизацијата би можела да се дефинира како глутница која има рационална потреба да ги легитимира и образложи своите колежи, грабежи и узурпации. Иако, човечкото општество по својата диференцираност, непровидност и корумпираност е многу поблиску до социјалните системи на инсектите, поточно до мравјалниците.

Нихилизам (наспрот)и анархизам

Ако има два збора кои се страшило за општествениот естаблишмент и неговите политички и академски чинители и бранители, тоа се анархија и нихилизам. Анархија – за нив тоа значи крај на цивилизацијата, безредие и уништување, додека нихилизам значи негирање на фундаменталните вредности на кои почива човештвото. Меѓутоа, дали цивилизацијата – таква каква што е – навистина е толку добра и вреди да се (со)чува? Дали вредностите се навистина универзални, трансцендентални и неприкосновени или се само прагматична рационализација на интересите на оние кои ги кодифицираат и наметнуваат? Токму овие две прашања се централни за нихилизмот и анархизмот.

Иако нихилизмот и анархизмот се прелеваат, сепак има барем една суштинска разлика која ги одвојува: додека острицата на анархизмот е насочена против власта, законите и институциите, со еден збор против целиот државен апарат како (ненужно!) зло против кое просвет(л)ениот човек треба да се бори за да ја поврати и оствари одземената слобода, нихилизмот се сомнева во самата слобода, поточно во можноста да се биде слободен. Нихилизмот гледа со скепса и презир спрема групата, вредностите и идеалите во секоја нивна пројава.

Егзистенцијален песимизам

Повеќето анархисти во основа се егзистенцијални оптимисти кои веруваат во спонтаното начело на редот присутно во природата, кое е узурпирано и первертирано во поредок (политички, правен, социо-економски) од страна на државата, која, како таква треба да се отстрани. Наспроти тоа, нихилистичкиот сентимент се сомнева и во самата Природа, која или, во најдобар случај е рамнодушна и неумолива, или е зла и сѐ што со создава го создава за да го уништи; мисла која најпроникливо е изразена во филозофијата на Маркиз де Сад. Токму од оваа негативна егзистенцијална условеност на човековото постоење, која не е само социо-економска (анархизам), туку сеопшта, поаѓа „филозофијата“ на нихилизмот.

Зборот „филозофија“ го ставаме во наводници, затоа што нихилизмот, доследен на својот светоглед, ја отфрла и филозофијата со крајно непријателство: таа отсекогаш била орудие на естаблишментот за потчинување, прикривање на стварноста со „вечни иде(ал)и“ кои филозофот си ги нарекува „вистина“. Не случајно еден од највпечатливните нихилистички мислители на минатиот век, Емил Чоран (кај нас попознат како Сјоран – според француската транскрипција на неговото презиме) себеси се дефинира како антифилозоф; нихилизмот е дионизиската мудрост на Силен, кој принуден од кралот Мида да му одговори што е најдобро за човекот, ќе му одврати: „најдоброто е сосем недостижно за тебе: да не се родиш, да не бидеш, да снебидеш.“ (Ниче, „Рождеството на трагедијата“).

Нихилизмот денес – во криза…

Нихилизмот, по својата првична експлозија во XIX и XX век, како да го загуби својот налет и својата „високоцветност“ – да се послужам со еден збор на поетот Јозо Т. Бошковски: се чини дека неговата првична сила спласна, се растури и се фрагментира во разните субкултурни/контракултурни движења („андерграунд“), пред сѐ во панк- и метал-субкултурата и дарк-артот. Што потиснат од разните позитивни граѓански филозофии и „мотивациски психологии“, од (мало)граѓанските (нео)бидермајерски идеали, што разводнет од хипертехнолошката инфлација, денес нихилизмот како да се сведе на пасивен и латентен сентимент кој повеќе е декаденција (чиј недостаток на виталност на Ниче толку му пречеше) отолку еден жесток и интелектуално снажен и беспоштеден пркос.

Меѓутоа, од друга страна, токму како сентимент, како генерално – макар и пасив(изира)но –  расположение и „трагично чувствување на светот“ (Унамуно), тој е можеби поприсутен од кога и да е; откако зад себе го имаме моќното наследство на де Сад, Ниче, Чоран и другите класици на нихилизмот, време е да го образложиме нашиот нихилизам, нихилистичкот сентимент на нашата генерација и нашето време.

… или израз на криза на општото (група, идеали, вредности)?

Нихилистичкиот сентимент се манифестира преку крајна скепса и(ли) презир спрема концепти кои ни се наметнуваат како конститутивни и a prirori позитивни: група/заедница/општество, идеали и вредности, т.е. вредносни ситеми. Со други зборови, овие концепти се восприемени како туѓи тела, како закана за интегритетот и слободата на поединецот, на што неговиот ментално-интелектуален одбранбен систем природно реагира со – нихилизам. Токму во наведените субкултури овој сентимент денес се пројавува најсилно и највпечатливо.

Од каде ова негативно восприемање и реакција на нешто што мноштвото го смета за стожерно и неопходно? Одговорот на ова прашање треба да го бараме во средбата на личното со колективното искуство, кое, според познатата поставка на Јунг, се акумулира во „колективното несвесно“.

Енигмата на умот: нихилистичка критика на разумот

Човекот сфатен како „животно обдарено со разум“ и „политичко, т.е. социјално животно“ се општи места најдоцна од Аристотел наваму: неразумноста и асоцијалноста важат како најголеми табуа и стигми. Но додека социјалноста, т.е. неопходноста на групата за одржување на единките е биолошка особеност на повеќето видови живи суштества, енигмата на разумот е карактеристична само за човекот, особеност со која тој се гордеел со векови.

Жена гледа во ѕид од графити, пароли и цвеќиња

Извор: thedailybeast.com

Меѓутоа, денес човекот има доволно колективно искуство, како во квантитет така и во квалитет, за сериозно да се сомнева во корисноста и етичката кредибилност на разумот. Исто така има и доволно научно-емпириско разбирање на стварноста за сомнеж во самото негово постоење: „трансценденталниот ум“ на филозофите, обожествен од идеалистичката традиција, кој дава непогрешливи, a priori важечки премиси, кои му претходат и се основа на „појавниот свет“ и на разбирањето на секое искуство – е всушност преплет (мрежа) од невро-когнитивни мозочни функции, кои – како и кај сите живи организми – се подредени на универзалните биолошки императиви на раст и репродукција (одржување на видот) на единката.

Впрочем, и еден Чомски, заколнат рационалист, во едно од своите најнови интервјуа го посочува умот, како биолошка мутација која го самозагрозува видот кај кој настанала, т.е. човекот (46:04-48:21)! Границата меѓу тријадата разум-чувства-инстинкт на која метафизичко-идеалистичката традиција (филозофија, теологија) толку ригорозно инсистира во полза на разумот сѐ повеќе се брише: клучната разлика на човечкиот мозок по што се разликува од животинскиот е способноста за рефлексивно спознание; меѓутоа по функцијата на тоа спознание (одржување на видот) ние сме исти со нив. Умот, во таа смисла, биолошки е само скратен пат на инстинктот или продолжен истинкт.

А багажот на колективното искуство неспорно нѐ учи дека умот – или човечкиот инстинкт, проширен со способноста за рефлексивно спознание – не само што не е божествен, туку е најразорувачкиот пронајдок на природата: тековнава пандемија е право време да се потсети дека најголемите и најзастрашувачки страдања и закани на човекот му дошле не од природата околу него, туку од природата во него, т.е. од неговиот инстинкт-ум, кој својот „трансцендентален“ врв го достигна со две светски војни. Самиот технолошко-цивилизациски раст е врзан и со појавата на биолошки фаталности (но и со нивното пронаоѓање: биолошки оружја!) и го потпомага нивното брзо распространување.

Според германскиот зоолог Јозеф Х. Рајхолф, просечниот животен век на еден вид изнесува од една до десет милиони години. Староста на видот човек (hominini) се проценува на околу 6 мил. години; староста на современиот човек (homo sapiens) на околу 150 000 години. Наспроти тоа, староста на цивилизацијата се проценува на скромни 10 000 г. И токму во овој мал временски прозорец човекот бил (и уште е!) најблизу до (само)уништување.

Сето тоа нѐ принудува да се запрашаме дали всушност умот и процесот на цивилизирање како негов производ не е ништо друго, освен неуспешен експеримент на природата, разорна и автодеструктивна модификација на инстинктот на видот кај кој се појавил?

Глутниците на човекот: законот на групата

Доколку умот функционира како продолжен инстинкт, тогаш логички следува дека и неговите „производи“ се анимални во својата основа. Можеби за ништо друго тоа не важи колку за општеството. Човечките општества, во таа смисла, не се ништо повеќе одошто глутници на луѓето. Впрочем, цивилизацијата би можела да се дефинира како глутница која има рационална потреба да ги легитимира и образложи своите колежи, грабежи и узурпации. Иако човечкото општество по својата диференцираност, непровидност и корумпираност е многу поблиску до социјалните системи на инсектите, поточно до мравјалниците.

Тука на сцена стапуваат вредностите и идеалите. И овој факт повторно ни го потврдува биологијата (универзалноста на групата и нејзината биолошка функција) и колективното искуство, т.е. историјата – која во основа може да се сведе на серија од повеќе или помалку брутални и масовни конфликти меѓу разните човечки глутници, конституирани врз основа на национални и(ли) политичко-идеолошки вредности. Вредностите се всушност бихејвиорален код кој ја диференцира групата хиерархиски, со што нејзините чинители се обезличени и сведени на политички и социо-економски ролји. Како такви, тие суштински не се разликуваат од хемикалиите кои ги лачат мравките-војници кога мравките-работници не донеле материјал од доволен квалитет или квантитет за мравјалникот. Навистина, се чини неоправдано, зошто атрибутот „материјалист“ означува нешто долно, додека „идеалист“ нешто возвишено!

Инверзија наместо превреднување

Оттаму склоноста кон вредносна нивелација во нихизмот: патриотизмот, фашизмот, комунизмот, глобализмот, космополитизмот, пацифизмот… Сите тие навршуваат во анихилација на индивидуите во „народ“, во нивна деиндивидуација и инструментализација за стекнување и одржување на диспропорционални богатство и моќ („богатството е моќ“ – Хобс) на една управувачка елита. Оттаму и повикот за „превреднување на сите вредности“ на Ниче.

Меѓутоа, „превреднувањето на сите вредности“ навршува во маѓепсаниот круг на „вечното враќање на истото“: како код што ја дефинира групата, тие се врзани за неа, а човекот, егзистенцијално принуден да живее во глутница, мора да ги прифати и вредностите – бихејвиоралниот код на глутницата. Единственото нешто што му преостанува како свесно суштество е – откако ќе ги почувствува вредностите на глутницата како наметнати и туѓи –  да ги отфрли, отуѓувајќи се од групата.

Отуѓувањето од општеството води до феноменот на инверзијаедна од најкарактеристичните особености на нихилистичко-декадентниот сентимент: соочен со неможноста да устрои и живее свои автентични вредности, човекот се поистоветува со негативните, „празни“ места во општествениот вредносен систем – злото, уривањето, грдото… оние вредности кои општеството ги доживува како опасност по себе и ги табуизира. На тој начин, неверувањето во ништо се претвора во верување во Ништото.

Оттука блискоста и поистоветувањето со (анти)јунаците во популарните субкултури (Треба ли да потсетиме на ликот на Џокер од истоимениот филм?) Оттука антагонистот природно станува протагонист. Затоа што, како и Милтоновиот Сотона, и човекот, сведен на мравка која го умножува и оплодува капиталот-бог во општеството-мравјалник (како мравките својата матица) се чувствува прогонет и осуден. И единствениот психички излез што го гледа е ex negativo: катарзата на пркосот и бунтот како (ре)витализирачки принцип и состојба („Ewig im Aufruhr“, вечен бунт: извикот и сонот на ескпресионистите), прослава на прекрасната апокалипса.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Коментари

коментар(и)