Нова невладина организација во градот – „Иноватор“

Доколку се сеќавате на извонредната иницијатива во почетокот на Ковид 19 кризата, кога група технолошки ентузијасти деноноќно принтаа визири и ги донираа на здравствените работници -тогаш нема да се изненадите кога ќе чуете дека дел од овие луѓе повторно имаат генијална идеја. Се работи за отварањето на, како што самите го нарекуваат, едукативно-технолошкиот центар – ИНОВАТОР. Идејата постоела веќе некое време, но поради ситуацијата со вирусот, не можела да се имплементира во нашето секојдневие.

„Формирањето на центарот и отпочнувањето со едукативната работа е идеја којшто се гради веќе извесен период, но поради ковид кризата мораше да почека. Ние сме љубители на нови технологии и прогрес, па поради тоа она што го знаеме и умееме сакаме да го доближиме до помладите генерации, тоа е новата технологија, почнувајќи од лабораторија со 3Д принтери, а потоа дронови, ЦНЦ машини, електорника, роботика и се друго што го носи новото време“,- изјави Тимчевски, претседател на Здружение за имплементација на напредни технологии „Иноватор“.

Сите знаеме дека НАРОДНА ТЕХНИКА и слични институции повеќе не постојат, па затоа потребата од иновации во технолошка смисла се повеќе од добредојдени во простории каде особено младите ќе можат да споделуваат технолошки знаења и каде ќе придонесуваат за развојот во многу општествени гранки. Игор Тимчевски, еден од најзаслужните за отварањето на „Иноватор“

Се надеваме дека ќе имаме доста ученици и студенти, луѓе коишто ја сакаат технологијата независно од возраста. Ова не е класично училиште туку повеќе како едукативен-технолошки центар. Во едни други времиња опстојуваше Народна техника каде што можеше секој да отиде и побара совет, да сподели искуство и да се дружи со луѓе коишто ја сакаат техниката. За жал во денешно време такви институции нема и затоа ние сакаме со одредени курсеви да се доближиме до граѓаните. Јас искрено се надевам дека нашата работа ќе создаде поголеми проекти кои ќе бидат интересни за пошироката јавност и ќе помогне во развојот на технологијата“, – додава Тимчевски.

 

Коментари

коментар(и)