Нов начин на наплата во „Чистота и зеленило“

Од следниот месец инкасаторите вработени во јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ нема да вршат наплата на терен, туку само ќе ги доставуваат фактурите до граѓаните. Комуналното претпријатие ќе отвори нови наплатни центри на неколку локации во градот каде што граѓаните ќе можат да ги плаќаат своите сметки за ѓубрарина, најави денеска директорот на јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ , Даниел Стојчевски.

-Досегашниот систем за наплата е сменет целосно, имаме нов софвер за наплата во рамките на јавното претпријатие „Чистота и зеленило“  и знаат и самите граѓани особено оние во приградските населби дека досега наплатата се вршеше непосредно со инкасатори меѓутоа согласно нормативите за работа веќе тоа не е возможно. Инкасаторите мислам дека од следниот месец  веќе нема да одат на терен и да наплаќаат туку само ќе вршат достава на фактурите, а за возврат јавното претпријатие  веќе работи на тоа да отвори нови наплатни центри. Веќе имаме обезбедено еден наплатен центар кој што ќе биде стациониран во населба Карпош, имаме наплатен центар во центарот на градот, кој што веќе функционира, наплата може да се врши во рамките на дирекцијата на јавното претпријатие, а се прави интенција да обезбедиме наплатен центар во близина на градскиот пазар, а во наредниот период да обезбедиме уште еден наплатен центар кај реонскиот пазар за да можат луѓето кои што гравиритаат од населбите полесно и поедноставно да ги плаќаат своите сметки, изјави Даниел Стојчевски, директор на ЈП „Чистота и зеленило“  

Дел од досегашните инкасатори ќе ги доставуваат фактурите, а останатите ќе бидат распоредени во наплатните центри, што значи дека нема да има дополнителни вработувања туку ќе биде искористен потенцијалот со кој што претпријатието располага, потенцира директорот Стојчевски.

Коментари

коментар(и)