Нов проект на „Порака наша “

Дневниот центар за лица со интелектулна попреченост  „Порака наша“ од Куманово започнува со реализација на проектот „Инклузивни партнерства во заедницата“. Според координаторот  Мартина Костовска,  во проектот освен претставници на општината вклучени се и  три училишта од градот, основните „Браќа Миладиновци“  и „Христијан Тодоровски Карпош “ и средното стручно училиште „Киро Бурназ“ , а носител на локалните активности е „Порака наша“.

-Проектот се одвива во соработка со МОН, Бирото за развој на образование  и се случува во шест општини. „Порака наша “ како носител на локалните активности има за цел да ги координира и да ги зајакне активностите и комуникациите помеѓу локалната самоуправа и невладиниот сектор и институциите во нашата општина. Ќе се одржуваат еднодневни обуки на кои што ќе се собираат податоци за состојбата на лицата со интелектуална попреченост во нашата  општина кои што потоа ќе бидат користени во креирање на локални општински политики. Исто така, важно е што тие податоци ќе бидат исто така користени за креирање на еден локален буџет кој што ќе биде сензибилен на потребите на лицата со интелектуална попреченост. Една од задачите е исто така да се започне со формирање на Локален акциски план за инклузија на лицата со попреченост , потоа втора важна работа е што сите ние имаме задача да ги подобриме капацитетите и на локалната самоуправа и на невладиниот, граѓанскиот сектор и на институциите во нашата општина со тоа што ќе го изготвиме тој Локален акциски план, ќе се имплементираат делови кои што ќе бидат финансирани со некои мали грантови и потоа ќе се споредуваат искуства со другите општини, изјави Мартина Костовска, Дневен центар „Порака наша “

Проектот „Инклузивни партнерства во заедницата “ е финансиран од Европската комисија поконкретно од Европскиот инструмент за човекови права и демократија, а го спроведува фондацијата „Чекор по чекор“  и здружението за студенти и младинци со хендикеп од Скопје.

Коментари

коментар(и)