НРЦ со инфо ден за бесплатна правна помош

Националниот ромски центaр денеска организираше информативен ден пред Центарот за култура, на кој граѓаните имаа можност да се запознаат за бесплатната правна помош. Инфо денот се спроведува во рамки на проектот „Зајакнување на пристапот до бесплатна правна помош за Роми и други ранливи категории“ со поддршка на Европската комисија и Министерството за финансии. Од НРЦ информираат дека целта на проектот e граѓаните да се информираат за бесплатната правна помош кој им следува. Нагласија дека кумановци се обраќаат за различни прашања, имотно-правни односи, регулирање на граѓански статус, лична документација, социјална заштита, здравствена заштита, работни односи.

-Во државата ние имаме овластени здруженија за давање на примaрнарна бесплатна правна помош, имаме регистар на адвокати, подрачни единици на Министерството за правда, каде што граѓаните може да се обратат и за правни совети и за упатување, но и за добивање на т.н секундарна правна помош т.е да им се одобри адвокат кој трошоците на постапката и адвокатот ќе ги плати државата. Наша цел е да ги промовираме тие новини, за да што повеќе граѓани дознаат за оваа законска регулатива и да се искористат-посочи Катерина Шојиќ проектен менаџер од НРЦ.

Барателот на бесплатна правна помош треба да исполнува неколку услови, меѓу кои доколку живее сам неговиот месечен приход не треба да биде поголем од утврдената минимална плата, а ако живее во семејство вкупниот приход да не биде поголем од минимална плата зголемена за 20 проценти од минималната плата на секој член подединечно. При тоа како приход не се смета надоместок за помош и нега од друго лице, родителски додаток за дете, детски и посебен додаток, додаток заради посебни потреби, надоместок на плата за скратено работно време. Барателот може да има еден едностанбен објект или стан во зграда, да има во сопственост една или повеќе физички поврзани парцели со вкупна површина од 500 метри квадратни, односно една или повеќе парцели со вкупна површина не поголема од 5000 метри квадратни во рурални средини и едно моторно возило до 1200 кубни сантиметри. Корисниците на бесплатна правна помош се ослободени од судски трошоци и од трошоци за вештачење.

Проектот „Зајакнување на пристапот до бесплатна правна помош за Роми и други ранливи категории“, ќе се спроведува до декември низ повеќето градови во државата, меѓу кои Куманово, Кичево, Прилеп, Штип, Крива Паланка и Кочани.

Коментари

коментар(и)