Оглас за проектот грижа на стари лица во домашни услови

Општинската организација на Црвен крст Куманово распиша јавен повик за пријава на корисници за користење на бесплатна услуга во рамките на Проектот Грижа на стари лица во домашни услови, кој ќе се спроведува на терен во Општина Куманово во наредните 8 месеци.

Се повикуваат сите заинтересирани стари и изнемоштени лица над 65 години на територијата на Општина Куманово, кои имаат потреба од бесплатна помош и грижа во домашни услови, да аплицираат во периодот од 10 до 20 април.

КРИТЕРИУМИ за исполнување на условите за Пријава на корисниците на сервисот за нега на стари лица во домашни услови се:

– Стари лица и други лица на кои им е потребна грижа и помош во домот;

– Лице на кое помошта во домот не можат да ја обезбедат неговиот брачен другар, родителите или децата поради заснован работен однос, нарушена здравствена состојба или старост;

– Лица кои не се во состојба сами да се грижат во своите домови без да имаат редовна грижа, поддршка и надзор.

Во конкурсот НЕ се опфатени стари лица кои :

  1. Во семејството имаат деца или членови на семејството што не работат;
  2. Нега и помош не можат да користат возрасни и изнемоштени лица кои склучиле договор за доживотно издржување.

Помошта и грижата во домашни услови која ќе се пружи од страна на професионални и сертифицирани негуватели/ки и ќе биде БЕСПЛАТНА.

Помошта и грижата која ќе ја пружаат негувателите, вклучува обезбедување на неколку часовна грижа и помош во нивните домови во извршувањето на секојдневните активности, како што се мерење на притисок и шеќер во крвта, купување на намирници, подготовка на топли напитоци (кафе, чај, супа), набавка на лекови од аптека, плаќање на сметки, а со цел да се подобри и одржи квалитетот на животот и да се спречи или одолжи сместувањето во институции. Повеќе детали може да се најдат на фејсбук страницата на Општинската организација на Црвен крст Куманово.

 

 

Коментари

коментар(и)