Одбележана Европска недела на мобилност

Велосипедска трка на која учествуваа педесетина велосипедисти од основните училишта во градот се одржа денеска на булеварот „Октомвриска револуција“.  Активноста беше во рамките на одбележувањето на Европската недела на мобилност  под покровителство на министерството за животна средина и просторно планирање, преку одделението за екологија во општина Куманово. Велосипедистот Христијан Максимовски од основното училиште „Кочо Рацин“  беше најбрз меѓу учесниците на трката.

-Веќе три години се занимавам професионално со велосипедизмот, многу лесно беше, се натрпеварувам на многу потешки натпревари , дневно возам по 70-80 километри, изјави Христијан Максимовски, ООУ„ Кочо Рацин“

Учениците- учесници на трката денеска апелираа до граѓаните почесто да возат велосипед или барем да пешачат за да не се загадува воздухот во градот. Дека навистина е здраво да се користи велосипед наместо автомобил , порачува и градоначалникот Зоран Дамјановски.

-Целта на оваа трка е да се промовира користењето на велосипед како алтернатива во однос на користењето автомобили. Куманово не е препознатливо по голем број велосипедски патеки, но токму на овој булевар има можност за користење на велосипед, изјави Зоран Дамјановски , градоначалник на Куманово

И останатите денешни учесници на трката сметаат дека нивните соученици треба да доаѓаат на училиште со велосипед.

-Мислам дека е многу здраво да се вози велосипед и дека секое дете на училиште треба да доаѓа со велосипед за да не ја загадуваме нашата околина, изјави велосипедист

-Убаво е да се организираат вакви манифестации , да се дружат децата, а најмногу да се спортува затоа што возењето велосипед е еден од најубавите спортови , изјави велосипедист

Во организација на оваа трка се вклучија секторите за образование и за спорт од општина Куманово.

 Инаку, Европската недела на мобилност се одржува од 16 до 22 септември, годинава под мотото „Паметна и одржлива мобилност-влог за Европа“,  а целта е да се поттикнат локалните политичари и јавноста паметната и одржлива мобилност да ја препознаат како инвестиција за Европа”.

Коментари

коментар(и)