Одбележан 20 -ти септември – Ден на пензионерите

Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија го одбележува 20 септември како Ден на пензионерите на Македонија во знак на донесувањето на првиот Закон за пензиско и инвалидско осигурување во  1946 –та година. Кумановските пензионери денот го одбележаа со повеќе активности, а се одржа и традиционалниот шаховски турнир, кој се организира секоја година на овој ден, во просториите на здружението на пензионери „Куманово “. На денешниот турнир учествуваа  четири екипи, и тоа по една екипа од  здружението  на ветерани од Куманово,  од СВР Куманово – Отсек за превенција, од здружението  на пензионери од ОВР Скопје и здружението на пензионери од Куманово.

-Тоа се прави со четири екипи по четворица учесници,  значи 16 натпреварувачи. Се игра брзопотезен шах, со временско ограничување десет минути по играч или десет плус десет со мало додавање на една минута ако дојде до неправилен потег. Сега за сега води екипата на ветерани, па ќе видиме како ќе заврши турнирот. Ние со ветераните игравме два – два , меѓутоа сега последната партија ни е малку послаба, веројатно ќе заземеме второ место, изјави Љубомир Димитриевски, член на Комисијата за спорт одмор и рекреација, одговорен за шаховска секција

Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија е асоцијација на 53 здруженија на пензионери, доброволно здружени во Сојузот заради заштита и унапредување на заедничките цели и интереси на корисниците на пензија во Република Македонија, за поцелосно и единствено залагање за остварување на  правата од пензиско и инвалидско осигурување, за поквалитетна здравствена заштита, за унапредување на културните, спортските и хуманитарните потреби на пензионерите.

Коментари

коментар(и)