Одземени ингеренциите на општината за градинката

Одземени се ингеренциите на Општина Куманово за управување со детската градинка „Ангел Шајче “ на период од една година, информираат надлежните од министерството за труд и социјална политика.

„ Детската грижа и заштита се приоритет во работењето на Министерството за труд и социјална политика. Министерството,  поради непочитување на одредбите од Законот за заштита на децата од страна на Општина Куманово  ги одзеде ингеренциите за управување со градинките“, велат од надлежното министерство.

Освен на Куманово ингеренциите по истата основа пред околу еден месец се одземени и на Општина Струга. МТСП информира дека одлуката за одземање на надлежностите е донесена откако при вршење на надзор на работата и кај двете општини беа утврдени недостатоци во именувањето, односно спроведувањето на постапката за распишување на оглас за директор на детски градинки. И покрај даденото укажување со утврден рок за отстранување на неправилностите градоначалниците  не постапија според нивните овластувaња, по што министерството постапи по членот 201 од Законот за заштита на децата и им ја одзеде надлежноста на период од 1 година.

Во следниот период во овие две општини надлежностите утврдени со Законот за детска заштита ќе ги спроведува МТСП, соопштуваат од ресорното министерство.

Од Општина Куманово досега нема одговор во врска со одземените ингеренции за управување со детската градинка.

Коментари

коментар(и)