Одредени условите за еднократна парична помош и помош во натура

Општина Куманово ќе доделува средства во вид на еднократна парична помош и помош во натура. Оваа предлог одлука за уврдување на правото на користење и критериуми беше изгласана на последната седница на Советот на општината. Локалната самоуправа и претходно доделуваше еднократна помош на социјално загрозени лица, но овој пат тоа ќе се прави два пати во текот на годината, односно во јуни и декември, а граѓаните ќе можат да аплицираат само во одредени месеци, за да можат секторите за социјална заштита и финансии да го прегледаат барањето. Првиот човек на градот, Максим Димириевски нагласи дека досега еднократната парична помош се давала без дефинирани критериуми и затоа ќе се посочат услови кој може да поднесе вакво барање, но и колку пати ќе може да искористи вакви средства.

-Досегашните средби коишто ги реализирав на отворените денови во општината, резултираа со голем број барања од граѓаните за директна финансиска помош да се интервенира во домашните буџети. Ова е само појдовна одлука и сето она што го предлагаме за да се дефинираат начинот и креиумите на кои ќе ги остваруваат граѓаните правата и сето тоа зависи повторно од финансискиот момент и можност на општината, бидејќи општината не смее да си дозволи ниту пак има финансиски можности да ја преземе надлежноста на Министерството за труд и социјална политика но граѓаните најмногу бараат од општината, мораме да дадеме одредена форма во која ќе се движиме-истакна градоначалникот на Куманово.

Тој посочи дека во рамките на социјалната програма општината покрива сметки за смет и вода на 800 граѓани, од кои најголем дел се стечајните работници. Но, откако тие и законски ќе се стекнат со дополнителни средства, општината ќе биде ослободена од оваа давачка, па истите ќе се пренасочат на самохрани родители, за што веќе и општината започна постапка за утврдување на бројот на овие лица на територијата на Куманово. Советничката Милена Строимановска од СДСМ, ја поздрави оваа одлука, но  предложи да се предвиди и набавка на училишен прибор.

-Бидејќи доаѓам од образованието и секојдневно се среќавам со деца од разни социјални категории, да постои соработка помеѓу училиштата и општината на тој начин што од училиштата ќе бидат селектирани ученици што доаѓаат од семејства каде двајцата родители се невработени или се на работ на социјална егзистенција, деца на самохрани родители и слично ако може на нив да им биде обезбедени минимум училишен прибор како ранци, тетратки пенкала и останат материјал за нормнално да се одвива наставата. Тоа би било големо олеснување за истите а бидејќи се снабдени со учебници од министерството на нив ќе останате само да се посветат на учењето и да постигнуваат успешни резултати-посочи советничката Строимановска.

Раководителот на Секторот за социјална заштита, Виктор Божиновски одговори дека ова мора да се прави во координација со секторот за образование, за да се добие слика за бројот на социјално загрозените ученици. Тој го поздрави предлогот но посочи дека е потребен подогл временски период бидејќи како што рече процесот не е едноставен.

Коментари

коментар(и)