Согласно усвоените измени на законите за ДДВ и акцизи, цената на бензините ќе се намали за 6,5 денари, а на дизелот за 9 денари. Новите цени, ќе важат од вечерва на полноќ.
Собранието доцна синоќа едногласно по скратена постапка ги донесе Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност и Предлогот на закон за дополнување на Законот за акцизите.
Владата, пак, врз основа на прифатените измени и дополнувања во Законот за акцизи во Собранието, донесе Одлука за определување на видот на енергенсите, временскиот период, како и начинот на пресметка на акцизата, соопшти владината прес-служба.
Со оваа одлука се овозможува да се пресметува дополнително намалување на акцизата кај безоловниот бензин, гасното масло како погонско гориво и гасното масло како гориво за греење во зависност од движењето, односно од висината на зголемувањето на цената на овие енергенти на светските берзи.
Владата донесе и Одлука за определување на видот на добрата и временскиот период на примена на повластена стапка на данокот на додадена вредност. Оваа одлука овозможува да се примени повластена даночна стапка која изнесува 10%, врз прометот и увозот на енергенти, за определен временски период.