ОИК се подготвува за референдумот

Општинската изборна комисија Куманово  деновиве ги изготвува решенијата на членовите на избирачките одбори кои што од различни причини поднеле барање за изземање од одборите. Сите активности се реализираат согласно правилниците и насоките кои Општинската изборна комисија ги добила од Државната изборна комисија. Претседателот на Општинската изборна комисија Куманово, Звонко Николовски вели дека подготвките на ОИК  за претстојниот референдум на 30-ти септември годинава се во завршна фаза. Николовски појаснува дека за разлика од изборите, за референдумското изјаснување, политичките партии не делегираат свои претставници.

– Во почетокот имавме некои технички проблеми, но ги надминавме. Малку подоцна почнавме, но бидејќи веќе имаме искуство и имаме добра екипа , членовите и замениците на членовите, секретарот, заменик на секретарот кои сите турбо работеа цело време сега се при крај  со изготвување на решенијата на оние членови кои поднесоа барање за изземање од одборите бидејќи избирачките одбори ќе бидат во скратена форма 3+3, шест членови без партии, ќе има само набљудувачи и се разбира претставници на ОБСЕ, ОДИХР итн. Сега ги привршуваме решенијата кои потоа ќе ги предадаме за време на обуките на избирачките одбори кои ќе ги изведеме оваа недела бидејќи вчера имавме обука за општинските изборни комисии од шесте општини во североисточниот регион од Липково до Крива Паланка, изјави Звонко Николовски, претседател на ОИК Куманово

Претседателот на ОИК, Николовски потенцира дека Битола со 170 , а веднаш потоа  Куманово  со 167 имаат најголем број на избирачки одбори на ниво на државата за разлика од другите градови кои имаат од 20 до 40 избирачки одбори.

Коментари

коментар(и)