Околу 80 претстави пред 12.000 кумановци во театарот

Актерите од кумановскиот театар во кој работи македонска и албанска драма, лани одиграле вкупно 77 претстави пред околу 12.000 посетители, информираа  надлежните од оваа установа. Ансамблот на Театар Куманово од почетокот на 2017-та подготви три премиери, од кои две финансирани од Министерството за култура, Хај фај според текстот на Горан Стефановски, а во режија на Јане Бојаџи и Интрига и љубов од Фридрих Шилер, во режија на Љупчо Ѓорѓиевски. Третата премиера којашто беше изведена во текот на фестивалот Денови на комедија  е насловена На погрешно место во погрешно време, според мотиви на Френсис Вебер, а во режија на Мирослав Петковиќ.

-Посетеноста можеме да кажаме дека е на добро ниво, но секако ќе настојуваме и наредната година да имаме уште поголема посетеност, отколку што е сега. Имавме и неколку национални но и меѓународни гостувања. Од Србија, Бугарија, но и во градовите низ Македонија, Скопје, Кавадрци и слично-истакна Себихана Скендеровска, Театар Куманово.

Кумановскиот театар изминатиов период гостуваше на меѓународниот театарски фестивал Војдан Чернодрински во Прилеп, каде актерката Сања Русеска ја доби наградата за најдобра млада актерка во улогата на Мира во претставата Хај Фај, а со претставата Бегај еве ја жена ти 2, театарот гостуваше на фестивалот на комедија во Габрово, Бугарија, театарот Јордан Хаџи Константинов Џинот во Велес и фестивалот Гола месечина во Скопје. Љубителите на театарската уметност месецов ќе можат да проследат три претстави. На 24-ти игра Бегај  еве ја жена ти 2, веќе наредниот ден следува На погрешно место во погрешно време и за 31-ви јануари е закажано репризно издание на Хај фај, која се игра на мала сцена.

 

 

 

Коментари

коментар(и)