Општината презема мерки за почист воздух

„Општина Куманово презема повеќе краткорочни и долгорочни мерки за намалување на загадувањето. Лани засадивме околу 10.000 садници, гасифицкацијата се шири, и први ја започнавме аеросолизацијата во државата. Но, за го надминеме проблемот со загадување и Куманово да стане зелен град, не се доволни две-три години, тоа е долгогодишен процес“, истакна на последната седница на Советот на Општина Куманово, градоначалникот Максим Димитриевски, одговарајќи на советничко прашање.

Имено советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Невена Величковска праша дали се работи на програмата за намалување на загадувањето на воздухот, со оглед на фактот дека доаѓа периодот, кога ПМ 10 честичките се највисоки.  

-Што е со програмата како да се намали загадувањето во општината за 2020 година. Беше ветено спроведување на гас во болницата, сакам да прашам кои мерки досега се преземени во однос на загадувањето, бидејќи за неколку месеци доаѓа зимскиот период, греењето, и како ќе постапиме со решавање на овој проблем-праша таа.

Димитриевски истакна дека лани и оваа година претпријатието „Куманово гас“, бележи рекорден број на приклучоци, што е резултат и на субвенциите за физички лица кои што ги обезбедува општината, со цел решавање на проблемот со загадувањето. Тој потсети дека е набавено и соодветно возило, трактор влекач за методата аеросолизација, која по испитувањата покажа дека го намалува загадувањето, дури за 70 проценти.

-Со краткорочните мерки ќе продолжиме да делуваме, но сепак, долгорочно справување со загадувањето е на повеќе начини бидејќи знаете дека најголем процент на загадување во зимскиот период е поради несоодветните огревни материјали што се користат, а тоа е да продолжи постапката за гасификација каде за прв пат имаме изготвено комплетно план за воведување на примарна и делумно секундарна гасфикациона мрежа, на територија на нашиот град кој е целосно завршен и согласно финансиските можности ќе влеземе во инвестиција, а тука влегува и гасификацијата на болницата-истакна Димитриевски.

Кумановскиот градоначалник објасни дека јавното претпријатие е подговено во секој момент да и испорача гас на градската болница, но според информациите постапката се уште е кај ресорното министерство, кое треба да ги оддели потребните финансиски средства.

-Сметаме дека во следниот буџет од вкупно оперативниот буџет на општианта, во делот на капиталните инвестиции ќе пресметаме 5 проценти од вкупниот износ за дополнително озеленување во градот, со набавка на квалитетни повеќегодишни листопадни садници, за да можеме да ги засадиме, а како што беше случајот минатата и оваа година на улицата 100 во населба Карпош, каде за жал најголем дел беа брутално уништени од страна на несовесни сограѓани, но ние нема да запреме тука ќе продолжиме –нагласи тој.

Градоначалникот на Куманово ги повика и советниците, да дадат пример на граѓаните и тие масовно да се вклучат во акциите за засадување садници, што не било случај во минатото.

Директорот на Куманово гас, Никола Денковски информираше дека јавното претпријатие ќе обезбеди гас до самиот двор на болницата, по што останува министерството до крајот на годината да ги префрли ветените средства.

Коментари

коментар(и)