Општината ќе набави свои возила ако повторената постапка за јавен превоз пропадне

Ако повторената постапка за јавен градски превоз во Куманово пропадне, Општина Куманово ќе набави свои возила, рече градоначалникот Максим Димитриевски одговарајќи на советничките прашања на вчерашната седница. Сепак Димитриевски се надева дека до такво нешто нема да дојде, бидејќи ќе направи големи проблеми во буџетското работење.

– Очекувам дека постапката ќе заврши до крајот на овој месец, ако не се случи такво нешто, најавувам пред советот ќе поведам постапка за репрограм на буџет и одделување на средства од буџетот за набавка на возила за овие локации во сопственост на општината бидејќи не може да дозволам градот да зависи од волјата на превозниците, бидејќи граѓаните не добиваат соодветна услуга, рече Димитриевски.

Постапката е повторена и сега линиите за кои немаше интерес поради економска неисплатливост се ставени во пакет со оние најатрактивните кои што беа оспорени од дел од превозниците.

– Во петок истекува рокот за поднесување на понудите од страна на превозниците на јавниот повик распишан по претходна одлука на советот со која ги споивме и оние неатрактивни линии со најатрактивните кои во претходната постапка беа обжалени. По оваа постапка излегоа пет пакети линии, во петок ќе заврши јавниот повик ќе донесат сите подносители документи и потоа повикот ќе биде со јавно отворање каде ќе бидат сите оние што ќе понудат најдобри услови и ќе бидат избрани, рече Димитриевски.

Димитриевски се надева дека постапката ќе заврши до крајот на април, во спротивно ќе побара Советот да донесе одлука за набавка на возила за вршење јавен превоз.

Инаку, јавниот превоз во Куманово за дел од најголемите населби не функционира од почетокот на годинава.

 

Коментари

коментар(и)