Општина Куманово: Без документација се ископани дупките, инспекторатот на терен

Општина Куманово работи на случајот за дупки на јавно прометни површини. Известуваме дека Советот има донесено Програма за поставување на урбана опрема (реклами). Спроведен е јавен оглас, на кој се доделени локациите во четири пакети.

По јавниот оглас и избор на најдобрите понудувачи, склучени се договори со избраните понудувачи. Корисниците на закупените локации се должни пред поставување на рекламните паноа да изготват елаборати, врз основа на кои градоначалникот издава Одобрение. Постапката за издавање на Одобренијата е во тек.

Корисниците на своја рака без соодветна документација, без точно утврдена микролокација имаат започнато со поставување на рекламните паноа. На тротоарите на булевар „Октомвриска револуција” без соодветна документација се ископани дупки за поставување на рекламни паноа и од страна на Секторот за инспекциски надзор-е направен вонреден инспекциски надзор, со кој се констатирани неправилности и е издадено Решение за враќање на предметните локации во првобитна состојба со рок од 10 дена. Доколку во предвидениот рок не се преземат потребните мерки, Општината веднаш ќе ги врати во првобитна состојба на сметка на изведувачите, известува општината.

Коментари

коментар(и)