Осветена црквата во село Умин Дол

Денеска беше осветена новата црква Свети Никола Летен во селото Умин Дол. На свеченоста присуствуваа над 200 верници, а чинот на осветувањето го изврши кумановско-осоговскиот митрополит Јосиф. Тој истакна дека овој храм, ќе го врати духовниот живот во ова село, но и ќе остане сведоштво за едно време и народ, кој длабоко во себе ја носи верата за Господ.

-Денес ние завршивме едно убаво дело градено со љубов, за вечноста. Се собравме заедно и го осветивме овој храм исполнувајќи ја волјата Божја, со усната молитва го повикавме духот свет да го благослави ова дело. Навистина секоја ваква случка претставува голем настан во нашиот црковен живот-изјави кумановско осоговскиот митрополит Јосиф.

Новиот храм е изграден со средства на мештаните на Умин Дол и со помош на донатори. Инаку во ова село кое се наоѓа на 10 километри од Куманово, досега немало црква.

-Мислам дека стигнавме до некаде внатре е се направено, има уште од надвор нешто да се доправи важно да се освети за да повеќе венчаваме крштеваме, затоа и го правиме да не зближува духот православен. Кога има вакви работи и народот е поблизок, подобар-изјави  Добре Петковиќ од црковниот одбор Село Умин Дол.

Жителите се надеваат дека новата црква ќе остане дар за идните поколенија но и ќе го врати духовниот живот во нивното село. Инаку на свечениот собир на кој се одржа и богата културно уметничка програма, присустваа и претставници на јавни претпријатија, пратеници, политички партии и бројни граѓани.

Коментари

коментар(и)