Осветен новиот храм во село Петралица

Црковната камбана вчера предпладне го најави свечениот чин на осветување на манастирот Света Троица, лоциран во кривопаланечкото село Петралица, поточно во месноста викана Кутлев крст. Дворот на манастирот беше мал за да ги прими  бројните верници, кои што дојдоа од сите краеви. Свеченоста по повод осветување на овој Божиј храм, кој ќе го врати духовниот живот во ова село, ја водеше поглаварот на македонската православна црква, заедно со митрополитите на кумановско-осоговската и тетовско-гостиварската епархија.

-Денеска и небото и земјата се радуваат и овој прекрасен крај кој што еве после 15 години на ова место на овој крст наречен Кутлев крст доживеа да биде возобновен-наведе отец Драги Костадиновски.

Ктитори на новото православно светилиште се семјствата Каранфиловски и Јакимовски, кои што потекнуваат од овој крај. Нивната цел е да се обнови традицијата, бидејќи на ова место се одржувал собир по повод празникот Света Троица, или меѓународот познат како Духовден.

-Мотивацијата доаѓа практично од раскажуваните приказни во моето детство од страна на татко ми, за светото место т.н Кутлев крст. Но идеата не е моја, идеата е практично на татко ми, Каранфиловски Грозде кој што ја предложи идеата на мојот братучед и од таму практично се разви целата идеа за оваа градба на овој прекрасен манастир-изјави Тони Каранфиоловски, еден од ктиторите на манастирот.

Градоначалникот на Крива Паланка го поздрави чекорот на ктиторите кои што ја враќаат традицијата во старите огништа. Тој се надевам дека новиот храм ќе го поттикне развојот на манастирскиот туризам во овој крај.

-Може да се направи убава комбинација од сите манастири од сите културно-историски споменици кои ги имаме и да се направи едно раздвижување на туристите, шетање низ овој дел а нормално тоа ќе значи и разгледување на убавините кои ги крие овој наш предел-наведе Арсенчо Алексовски, градоначалник на Крива Паланка.

Задоволство од изградбата на новото светилиште изразија и верниците. Тие велат дека од ова прекрасно место ќе можат во иднина  да му се поклонуваат на Господ. Инаку целосната изградба на овој православен храм ктиторите ја завршија за неполна година.

Коментари

коментар(и)