ВИДЕО: Отворена изложбата „По трагите на фотографијата“ на авторот Валентина Илиевска

„По трагите на фотографијата“ е насловена изложбата на авторот Валентина Илиевска отворена денеска во Уметничката галерија. Изложбата е во чест на Саве Данковски, кој што голем дел од својот работен век поминал во музејот работејќи како кустос-историчар, но и како директор на установата.

„Присутните имаа можност да видат околу 200 црно-бели фотографии од архивата на кумановскиот Музеј, направени од Данковски, кој преку фотографијата го прикажува одвивањето на историскиот развој на настаните и начинот на живот, во повеќе предели во кумановскиот регион, Козјачијата, Средорек, Карадак, Овчеполието“, вели Илиевска, виш кустос етнолог во НУ Музеј Куманово.

-Поттикот за една ваква изложба ни беше да ги претставиме сите настани и минатото од пред четириесетина години преку фотографии. Тоа се фотографии кои што беа во архивата на музејот кои што се творештво на авторот Саве Данковски кој што неуморно работел како кустос во музејот и оставил многу материјал од кој што сме направиме многу изложби, многу фотографии и едноставно како да бевме задолжени оваа нешто да го претставиме пред јавноста, пред граѓаните, така што мислам дека преку овие фотографии ќе имаме можност да го следиме минатото од денешната перспектива. Инаку, во архивата има околу 1500 фотографии со различни тематики каде што се прикажани едноставно многу настани како да се застанати на некоја филмска сцена, на фотографиите се прикажани луѓе кои што ги обавуваат земјоделските работи, архитектури на куќи, облеката што ја носеле, едноставно преку сите тие фотографии можеме да го доловиме животот од тоа време, од минатиот век. Тука селектиравме околу 200 фотографии кои што ќе ги изложиме и мислам дека тие претставуваат едно сведоштво за едно време што поминало, инаку ако не ги прикажевме фотографиите едноставно немаше да знаеме која била ретроспективата на животот, како се живеело порано, како денеска во ова современо време денешно, изјави Валентина Илиевска,  виш кустос етнолог при НУ Музеј – Куманово.

Изложбата ќе биде отворена за посетителите до 30-ти септември со почитување на сите протоколи, потенцираат од националната установа.

-Мислам дека е голема заинтересираноста на луѓето од сите градови да ја погледнат изложбата. Граѓаните ќе можат во текот на наредните денови да дојдат слободно и да ја посетат, а се надевам дека ќе имаме соработка со другите градови и дека ќе ја промовираме изложбата и надвор од нашиот град, изјави Илиевска.

Каталогот и изложбата „По трагите на фотографијата“ финансиски се поддржани од министерството за култура.

Коментари

коментар(и)