(ВИДЕО) Отворена изложбата „Самоуки 2021“

Четириесетина дела – слики, цртежи и скулптури од 18 автори вчеравечер беа претставени на најновото издание на традиционалната ликовна манифестација „Самоуки 2021“, во изложбениот салон на центарот за култура. Интересот за учеството на оваа изложба секоја година е голем бидејќи претставува можност за презентирање на неакадемските уметници пред пошироката публика којашто редовно е присутна  на оваа манифестација да го види творештвото продуцирано од своите сограѓани.

-Сакам да кажам дека ми е жал малку за сите луѓе кои не можат да влезат во овој момент, меѓутоа според протоколите мораме да направиме така, а во исто време сум среќен што ја организираме оваа изложба и одржуваме. Кога ги гледавме овие два дена овие слики што ги имате вие насликано навистина заедно со вработените се воодушевувавме и гледам и чувствуваме дека на сите овие слики има вткаено дел од вас, дел од вашето срце. Затоа Ве охрабрувам и понатаму да продолжите и да сликате се со цел идната година да имаме уште поубава изложба „Самоуки 2022“. Исто така охрабрете ги сите останати вашите пријатели да насликаат сите кои имаат талент, рече Сашо Тодоровски, директор на НУЦК „Трајко Прокопиев“

Изложбата „Самоуки 2021“ ја отвори професорката по ликовна уметност и магистар по графика, Симона Јакимовска која што посочи дека ликовните дела на нашите сограѓани се изработени во повеќе техники и разновидни ликовни видувања.

-Живееме во време на визуелна комуникација каде со допир на прст влегуваме во сите галерии, музеи и ги осознаваме тајните од праисторијата до денес. Едно исто за сите- желба да се создаде нешто ново на белината на платното меѓу ѕидот да оставиме трага за нашето постоење. Колку ќе биде тоа успешно е пропорционално на трудот и талентот што го поседуваме. Гледајќи ги изложените дела мислам дека се на завидно ниво и во техничка реализација и во разновидност и во разноврсност на самите идеи. Би сакала да ве охрабрам и посочам пример на светски познатиот холандски сликар Винсент Ван Гог кој почнал да слика во своите триесет години, а своите најдобри слики ги создал на југот на Франција. Неговото влијание е огромно како во експресионизмот, така и во целокупната ликовна уметност. Винсент Ван Гог бил самоук, рече м-р Симона Јакимовска, професор по ликовна уметност

Прусутните вчеравечер имаа можност да уживаат и во музиката на Јован Цветковиќ и Ева Станојковска.

Инаку, иницијативата за организирано претставување на неакадемски ликовни автори се јави при крајот на деведесеттите, а во центарот за култура „Трајко Прокопиев“ прва изложба од овој вид е реализирана уште во далечната 1991 год.

Изложбата ќе биде поставена до 24 јуни.

Коментари

коментар(и)