Оштетена урбана опрема низ градот

Комуналната опрема на повеќе локации низ централното градско подрачје во Куманово изминатите денови константно се уништува од несовесните граѓани.

Оштетен е семафор на влезот на градот, кај противпожарната служба, а оштетувања има и на повеќе сообраќајни знаци. Последните вандалски активности се од викендов, кога беа оштетени јавни тоалети лоцаирани на Градскиот кеј.

Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски вели дека несовесните граѓани дивеат со своите автомобили по улиците и на тој начин го загрозуваат сообраќајот, но и создаваат материјална штета на општината.

– Случката со демолирањето на јавните тоалети кои што се поставени на една од најубавите локации во градот, а тоа е шеталиштето на кејот, ме потикна да упатам апел до граѓаните да го чувствуваат она што е општествен интерес како општествено добро и нивен личен имот и воедно да побарам бидејќи за вчерашната случка сум информиран дека се работи за малолетници да апелирам и до родителите да поразговараат со своите дечиња дома, затоа што сето тоа што ние го правиме доколку некој го уништува никогаш нема да го почувствуваме вистинскиот бенефит од тоа, изјави градоначалникот Димитриевски.

Како што посочи првиот човек на градот, Куманово може и треба да се гради и така треба да се продолжи пред се за граѓаните.

– Воедно да ја искористам оваа прилика да се заблагодарам на сите оние општествено одговорни пеодинци кои што даваат несебичен допринос во сите акции за пошумувае и чистење на нашиот град, изјави градоначалникот Максим Димитриевски.

Инаку ова не е прв пат да биде оштетена урбана опрема низ централното градско подрачје. Претходно вандализирана беше и спортска опрема, клупи, светилки и канделабри, а сторителите никогаш не се казнети.

Во меѓувреме Општина Куманово распиша оглас до Бирото за јавни набавки за набавка, транспорт и монтажа на нова урбана опрема во вредност од 1.200.000 денари без вклучен ДДВ. Заинтересираните компании до 26. март треба да достават понуди, а најниската ќе биде прифатена од локалната самоуправа.

Коментари

коментар(и)