Панихида за загинатите бранители во „Диво насеље“

Никогаш да се не повторат настаните од 9 и 10 мај 2015-та во  „Диво Насеље“ ,  порачаа кумановци на годишнината од загинувањето на осумтемина припадници на МВР во оружената пресметка . Иако пукотниците ќе останат длабоко во сеќавањата на граѓаните од населбата Тоде Мендол, сепак тоа не ги наруши меѓуетничките односи и соживотот.

За загинатите бранители Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ, утрово се одржа панихида во црквата Свети Никола, во организација на општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ од Куманово .

-Да оддадеме почит на луѓето кои за оваа земја ги положија своите животи храбро не штедејќи се себе давајќи пример на сите како треба да се брани државата како  треба да се брани народот на оваа држава, изјави Зоран Ѓорѓиевски, пратеник

Загинатите припадници на полициските сили  посмртно се одликувани со „ Медал за храброст“ за покажаната исклучителна храброст во одбрана на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија од страна на претседателот Ѓорге Иванов.

Во дводневната акција загинаа и десет припадници на вооружената група, имаше и десетици повредени, а на 29-мина им се суди за тероризам.

Куќите кои што беа целосно оштетени, со пари од државата повторно се изградија, а  „Диво Насеље “ доби нова водоводна и канализациона мрежа.

Коментари

коментар(и)