Патронен празник на „Кочо Рацин“

Основното училиште „Кочо Рацин“ денеска одбележува 74 години од своето постоење и успешно функционирање во Куманово. Големиот број награди освоени на општински, регионални, државни, но и на меѓународни натпревари во повеќе образовни области, зборуваат за постигнувањата на ова училиште како резултат на меѓусебната несебична поддршка на наставниците и учениците. Утрово по повод патрониот празник на училиштето, се одржа свечена седница на која беа доделени награди на наставници за повеќегодишниот придонес во образовниот процес во рамките на училиштето, по што вработените положија цвеќе пред бистата на патронот Кочо Рацин, кој се смета за еден од основоположниците на современата македонска литература, а неговата стихозбирка „Бели мугри“ претставува едно од најзначајните поетски дела во македонската современа литература.

Повеќедневните активности во чест на патрониот празник завршија со културно – уметничка програма во која освен учениците, учествуваа и наставниците, а свое пригодно обраќање пред присутните имаше директорката Лидија Пешевска, која меѓу другото потенцираше дека во училиштето се креира безбедна средина во која секој ученик ќе може да ги промовира и манифестира своите културни вредности и потреби.

– Флексибилна, ефективна отворена средина поттикнува творечки дух, креативност, спознавање, почитување на себе и на другите. Градиме доверба помеѓу учениците, наставниците и родителите со посебен акцент на поттикнување на љубопитноста со цел подобрување на научните постигнувања. Креираме безбедна средина во која секој ученик ќе може да ги промовира и манифестира своите културни вредности и потреби. Промовираме одговорност, еднаквост и успешност и на тоа сме особено горди. Училиште коепостојано се стреми кон современото образование, кон современата образовна технологија и стручно оспособен кадар кој ќе обезбеди поквалитетна настава компатибилна со европското образование. Воспитуваме личности подготвени да се справат со животните предизвици и да бидат одговорни граѓани на ова наше мултукултурно општество, изјави Лидија Пешевска, директор на ООУ „Кочо Рацин“  

Ученикот на генерацијата за оваа учебна година, Давид Цветковски беше прогласен вчера, а активности по повод празникот на училиштето се реализираа цела недела. Дел од нив се спортските активности во рамките на проектот „ Меѓуетничка интеграција во образованието “ заедно со ученици од партнер училиштето „Наим Фрашери“, како и ликовната продажна изложба на 40 дела изработени од учениците под менторство на професорот Далибор Јовановски.

Основното училиште „Кочо Рацин“ се вбројува во едно од најдобрите училишта во градот во кое што учат околу 1300 ученици.

Коментари

коментар(и)