Петковски: Нема да гласаме за технички неисправни документи!

Советниците од ВМРО ДПМНЕ денеска не учествуваа во дискусиите и донесувањето на решенијата за давање на мислење на статутите на неколку основни училишта , откако претходно координаторот  на советничката група, Драган Петковски во врска со предлог- одлуката за давање согласност на Статутарната одлука за изменување и дополнување на Статутот на Јавната установа „Професор Мијалковиќ“  рече дека Статутарната одлука која треба да ја донесат се повикува на непостоечки Службен весник и побара предлагачот да ја повлече точката од дневниот ред со цел да биде корегирана за некоја следна седница.

Советникот Миле Андоновски се согласи со Петковски дека треба сериозно да се внимава кога се подготвуваат вакви документи, бидејќи според него, заради техничка грешка може да се направи политички проблем.

– Веќе неколку пати се јавувам за една иста работа, а тоа е дека на нас како советници ни се даваат документи кои што се правно и технички неисправни, конкретно во статутарната одлука која треба да ја донесеме, во овој случај, се повикува на непостоечки Службен весник, па би замолил предлагачот да ја повлече оваа точка од дневен ред, да ја поправи грешката и на некоја од следните седници да ни се дадат исправни документи за да може да гласаме. Исто така, би ги замолил службите за поддршка на Советот, пред да ни се дадат документите за разгледување да видат дали се исправни, бидејќи станува по малку досадно, скоро секоја седница да исправам документи кои некој требал да ги направи како што треба, а не ги направил. Предлагам оваа точка да се повлече да ни се даде исправна Статутарна одлука и потоа да одлучуваме за неа, рече Драган Петковски, координатор на советничката група на ВМРО ДПМНЕ

-Бизарно е да расправаме за вакви работи, ова е техничка грешка. На седницата на Комисијата за Статут им порачав на претставниците на училиштата да внимаваат бидејќи заради не грижа се прави политички проблем. Беспредметно е да се дискутира, нас мнозинството во Советот не доведувате во непријатна состојба  да браниме нешто што е бизарно, што не е ни формално, тука јас не гледам намера, ама гледам не грижа, не посветеност. Градоначалникот треба да обрне внимание на тие работи. Предлагам со оглед дека се работи за техничка грешка во одлуката да се констатира дека е направена техничка грешка, буквата  „с“ да ја нема, рече Миле Андоновски, советник  

Претседателката на Советот, Атина Мургашанска повика документите да не се не враќаат за некоја наредна седница, туку техничките грешки да се исправат и да се усвои одлуката, а во иднина предлагачите редовно да ги следат законските измени и да постапуваат во согласност со нив.

– Треба да стои Службен весник на РМ, а не Слежбен весник на РСМ. Ќе си ги следите измените, претставниците на сите училишта,  да не правиме политички проблем, туку да бидеме конзистентни. Предлагам да не ги враќаме документите, да констатираме како техничка грешка со обврска да се исправат грешките на две места, буквата с . Јавно земам обврска доколку не биде исправена грешката јас нема да ја потпишам оваа одлука и од следната седница навистина ќе ги враќаме, рече Атина Мургашанска, претседателка на Совет на Општина Куманово  

Предлог- одлуката за давање согласност на Статутарната одлука за изменување и дополнување на Статутот на Јавната установа „Професор Мијалковиќ“  беше усвоена со 15 гласови „за“ и двајца воздржани.

Коментари

коментар(и)