Пешевска: Сосема неочекувано ја добив наградата!

Актерката Александра Пешевска се уште ги сублимира чувствата по добиената награда за најдобро актерско остварување  на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица, кој годинава се одржа на отворено со претстави од Македонија. Според Пешевска,   наградата пристигнала во нејзините раце сосема неочекувано и е големо изненадување за неа, после голем број одиграни претстави, учество на наградувани и ревијални фестивали.

-До некаде сум свесна до некаде и не, пребрзо се случи некако тоа, прво заради ситуацијава. Кога не поканија десет дена чекавме пред одржувањето дали  ќе се одржи или не, се беше неизвесно, откога одлучија да се одржи и ја истакнаа програмата сфативме дека за три дена треба да играме, брзо враќај се во форма, проби после седум месеци реално и малку тргнавме на тоа „што биде – нека биде“ , важно ќе се одржи фестивалот. Одигравме и покрај тешките услови затоа што се играше на отворено, се беше поразлично, мислам дека со колегите успеавме да ја одиграме на високо ниво претставата, и толку, важно ние си го дадовме своето,  од нас најдобро што можевме. Тотално неочекувано, сосема и ептен, баш онака големо изненадување, голем мерак на душата што се вели после толку години и по фестивали и наградувани и ревијални и секакви , после толку улоги направени некако како да дојде наградата во најубавиот момент за мене, најважниот и актерска зрелост , изјави Александра Пешевска, актер во Музеј Куманово

Имајќи го предвид искуството и две децениската соработка со режисерот Александар Ивановски, актерката ориентационо знаела каква ќе биде нејзината улога , но додава, не очекувала толку габаритна улога и тежок текст во претставата  „Телефонот на мртовецот“ во која што го глуми ликот на Џин.

-Тешко беше, ама тоа тешко, не е дека е многу мачно, или некоја тежина која што човек може да ја замисли.  Тешко кога ќе рече артист тоа во исто време значи и многу убаво. Колку е мачно толку е поубаво затоа што тоа е нашиот порив, колку имаш повеќе пречки за улогата да ја направиш толку повеќе ја помниш, толку повеќе ќе остави впечаток на публиката и ќе значи за сите. Така што во тој смисол беше тешко, ама и беше големо задоволство да се работи со Александар и со целата екипа, изјави Пешевска.

Пешевска во својата досегашна кариера била главен лик во педесетина претстави , првпат како студент во втора година на факултет е ангажирана од Театарот во Прилеп за главна улога во претставата „Слуга на двајца господари“, а оттогаш речиси  90 проценти  од ликовите и се носечки ролји. Со режисерот Александар Ивановски соработувале на девет претстави. „Ова е првпат моја претстава или актер од моја претстава да го добие ова високо признание според мене највисоко во нашата држава за актерската професија“ , вели режисерот Ивановски .

– Ова е единствениот фестивал каде што постои само една награда и постои само еден победник, еден шампион. Оваа година сосема заслужено зборувам со интегритет на целиот процес од работа на претставата и секако на неколкуте изведби што ги имаме пред кумановската публика, сосема заслужено оваа година тоа место меѓу лауреатите, меѓу шампионите на тој фестивал го зазема Александра Пешевска, актерка која што целата своја кариера ја поминува во кумановскиот театар и секогаш има актерски креации кои штои се на завидно професионално и хумано и театарско ниво. Може и лесно да се работи, може и тешко да се работи со неа, меѓутоа јас лично наоѓам голема убавина во сите тежини во работата со Александра Пешевска. Јас и Александра сме луѓе кои што и остатокот од екипата секако, го сакаме процесот, сакаме да истражуваме, сакаме да се мачиме, сакаме да живееме во некоја одредена неизвесност во текот на процесот како тоа ќе излезе, дали ќе биде добро за ликот пред се, а потоа и за публиката, меѓутоа во сето тоа има големо уживање и со големо задоволство ја работам секоја претстава со Александра досега. И нејзиниот потенцијал е навистина во овој момент ми се чини се уште недопрен, се уште има уште многу што да каже, апсолутно ова не го сфаќам, а верувам и таа како круна на нешто, туку како некоја попатна точка оти за нас е најважен процесот,  изјави Александар Ивановски, режисер

Согласно новите правила и протоколи , љубителите на театарската уметност имаат можност на 19 септември, в сабота, во кумановскиот театар да ја проследат претставата „Телефонот на мртовецот“ и секако наградената актерка Александра Пешевска.

Нејзината досегашна работа опфаќа два долгометражни и пет телевизиски филмови. Биографијата освен што ја збогати со наградата „Ристо Шишков“ ја збогатува и со Наградата за сценски израз на Македонскиот Театарски Фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп.

На репертоарот на Театар Куманово во последните неколку години публиката можеше да ја гледа во повеќе  проекти : „Жена од минатото“, „Зад Кулисите“ , „Интрига и љубов“, „Физика на тагата“ , „Мојата ти“ ,
„Макбет “ .

 

Коментари

коментар(и)