Планинарите од Куманово денеска даруваа крв

Во просториите на Центарот за култура денеска се одржа крводарителска акција, која ја организираше Здружението на планинари „Козјак 2013“. Акцијата се одржа во соработка со Институтот за трансфузиона медицина и општинската организација на Црвениот крст. Во акцијата се вклучија членови на здружeнието, но и други граѓани.

-Поводот за оваа акција беше да направиме нешто хумано и да се придржиме кон слоганот што го употребуваме „Бидете хумани како што сте упорни на планина“. Да ги споиме хуманоста и упорноста –истакна долгогодишниот планина, Бобан Стефановски.

Досега ЗПЗП “Козјак 2013“ има организирано три крводарителски акции. Во моментот клубот брои околу 80 членови, а само во 2018-та имаат организирано над 50 планинарски акции.

-Ме радува што кумановци ги сакаат планините и знаат што ни е потребно за здравиот начин на живот. Бројката на помлади луѓе во последно време се зголемува, но имаме и повозрасни, поискусни кои се дологодишни членови, но сум среќен што денес се повеќе помлади луѓе доаѓаат во клубот-дополни Стефановски.

Љубителите на планината можат да ги најдат секој вторник од 19 часот во просториите на гимназијата Гоце Делчев, каде што држат редовни состаноци или на фејсбук страницата на здружението.

Коментари

коментар(и)