Полицијата со почести патроли во Соколана

Зголемени безбедносни мерки, осветлување и одржување на постоечките објекти побараа претставниците од училиштата „Браќа Миладиновци“,„Крсте Мисирков“,„Наце Буѓони“ и интернатот „Професор Мијалковиќ“. Тие пред надлежните од секторот за образование и полициските службеници ги посочија  проблемите кои ги создаваат несовесните граѓани однесувајќи се насилнички и уништувајќи го просторот. Беше побарано поставување на асфалт  од интернатот до спортското игралиште и изградба на стаза која ќе го поврзува соколанскиот парк со атлетскиот полигон.

– Се договоривме да преземеме поконкретни активности околу осветлувањето, обезбедување на патеки со бекатон во функција да можат граѓаните во вечерните часови да ги посетуваат и да спортуваат, вели Жика Крстевски, раководител на сектор за образование.

Меѓудругото претставниците на посочените институции го отворија и прашањето за поставување на порта на влезот на улицата Бајрам Шабани и интернатот, во непосредна близина на работилницата за практична настава на техничкото училиште. На тој начин тие планираат да го  спречат натрупувањето на смет кое оваа локација ја претвора во дива депонија.Полициските службеници најавија почести патроли и обиколка на спортсите терени, паркот и просторот околу училишните згради.

– Сите овие објекти се наменети за употреба граѓаните меѓутоа треба да се користат согласно законот, да се влегува онаму каде е определено наспроти уништување на оградата и инвентарот. Во соработка со училиштата и месното население ќе настојуваме за подигање на јавната свест за правилно користење на овие објекти, вели Виолета Богдановска, раководител на отсек за превенција.

Иницијативата за средбата со училишните институции и полицијата првично произлезе од оштетувањето на атлетскиот терен кој беше изграден од Општината и ставен во употреба на граѓаните. Надлежните апелираат населението да води поголема грижа, а институциите да го одржуваат просторот  за да се создаде пријатна атмосфера за рекреација и спортски активности во овој дел од градот.

Коментари

коментар(и)