Поплавените добија помош од кумановци

Емилија Цветковска која два ипол часа се борела со водената стихија во скопско Стајковци денеска во знак на благодарност замина кај семејството Крстиќ да им помогне со чиста и сува облека, хигиенски средства и се она што моментно им е најнеопходно. Оваа помош можеби не може да се спореди со она што Крстиќ го направиле за нашата сограѓанка, но сепак покажува колку големо срце има Емилија и колку голем човек е ако се земе предвид фактот дека со исекотини на ногата и модринки по целото тело денеска без размислување тргна лично да се увери дека нејзините спасители се добро.

– Беспрекорно сум им благодарна што успеаја во толкава вода од два метра , во водената стихија да ми дадат целосна поддршка, да ме бодрат да издржам и на крај со чаршафи да ме извлечат од таа студена вода, им благодарам од се срце, изјави Емилија Цветковска, преживеана во поплавите

Освен семејството крстиќ , помош од Куманово денеска ќе добијат околу 400 поплавени семејства во скопскиот регион. Тие ќе добијат пакети со храна, хигиенски средства и флаширана вода. Иницијативниот одбор на граѓани за помош на поплавените во соработка со општинската организација на црвениот крст од куманово денеска ја однесоа донацијата која што беше собирана изминативе два дена.

– Денеска ќе доставиме помош од пакети со вода, со хигиенски средства и сер она што им е најнеопходно на поплавените. Акцијата ќе продолжи се додека има потреба, изјави Бојан Петрушевски, Црвен крст- Куманово

-Одлучивме дека директно ќе ја доставиме целата донација од куќа до куќа. Во корелација сме со Кумановски акцијаши тие веќе се на терен, имаме група од 15 волонтери кои заедно со нас ќе одат таму да помогнеме и физички и морално. Ова е првиот камиот што ќе оди , изјави Александар Крстевски, Иницијативен одбор за помош на поплавените

За превозот на волонтерите кои што сакаат да се вклучат во расчистување на поплавените домови во скопско се погрижи Јоцо турс, информираат од иницијативниот одбор.

Инаку, хуманоста на дело денеска ја покажа и нашата сограѓанка Розита Трендафиловска која верува дека се уште постојат луѓе кои што сакаат да им помогнат на настраданите бидејќи не се знае кој во каква ситуација може да се најде и на кого ќе му биде потребна помош.

-Многу е лесно да седиш во комфорна фотеља и да сочувствуваш, многу е потешко да станеш од тој комфор и да отидеш да помогнеш на тие луѓе, мислам дека тоа е еден хуман гест, Македонија е голема, секој човек еден час да одвои и тоа прави разлика, јас сум тука да ја направам таа разлика, изјави Розита Трендафиловска, волонтер

Собирната акција за помош на поплавените во Куманово ќе продолжи уште една недела , соопштуваат од иницијативнуиот одбор на граѓани.

 

Коментари

коментар(и)