Поради дефект седум дена без вода жителите на „Никола Тесла“

Жителите на улицата „Никола Тесла“ седум дена немаат вода, поради проблем со водоводната мрежа, реагираат денеска од Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ Куманово. Од таму велат дека граѓаните се обратиле до претставниците на локалната власт и Јавното претпријатие „Водовод“, но освен вчера, останатите денови вода воопшто немало.

-Денеска исто така продолжува голготата на граѓаните без вода. Наместо решавање на проблемот сите бевме сведоци на  секојдневните немили сцени на пукната водоводна цевка, која со часови се поправаше од страна на екипите на јавното претпријатие. Многу граѓани ни се јавија да се пожалат за оваа крајно незавидна ситуација, која како да е настаната од елементарна непогода, рече Кристина Николовска на денешната прес конференција.

Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат кога надлежните ќе одговорат зошто со денови немаат овие граѓани немаат вода и до кога, ќе се случуваат дефекти на водоводната цевка која го загрозува животот на оваа улица.

-Колку време треба да помине за да реагира локална власт и да преземе конкретни мерки за решавање на овој проблем, кој со денови ги остави без вода  илјадниците жители на овој дел од градот? Дали оваа хуманитарна катастрофа е животот кој го ветуваше СДСМ и градоначалникот во предизборната кампања? До кога граѓаните од улицата Никола Тесла ќе живеат со чести прекини на снабдувањето со вода, изложени на ризици по своето здравје, предизвикани од неодговорноста на локалната власт? Го повикуваме градоначалникот да излезе од еуфоријата и самодоволноста кои го зафатиле, да го намали времето поминато на  разните салонски приеми и предавања и конечно  да почне да работи на потребите на граѓаните, рече Николовска.

Директорот на јавното претпријатие Водовод, Горан Стојковски одговори дека водоводната мрежа на улицата Никола Тесла е изградена во 60-тите години, па затоа азбесно цементната цевка е целосно уништена. Тој посочи дека улицата е ставена во приоритити за оваа година за ревитализација на водоводната мрежа.

-За жал ЈП Водовод Куманово од 2013 година работи само со нужни средства, кои се доволни само за санирање на дефекти а не и за преземање на поголеми оперативни зафати за менување на стара водоводна и канализациона мрежа. За жал и општината е во целосно иста ситуација, работи со основни средства за вршење само на нужни дејности на самата општина. Јас апсолутно ги разбирам пред се граѓаните кои живеат на Никола Тесла бидејќи од минатата година имавме дури осум дефекти кои во текот на ден беа санирани за жал во утринските часови повторно доаѓаше до дефекти и денеска целосно го завршуваме и последниот дефект и граѓаните ќе добијат вода-истакна Стојковски.

Директорот на Водовод го поздрави и односот на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи реагира на вакви случаи, но праша што направиле тие изминативе години, за да помогнат да се ревитализираат водоводната и канализационата мрежа во Куманово.

-Што направија тие ќе ги молам со зборови и цифри за Куманово во изминатиот период доволно ќе беше само копитата на онаа стока што ја поставија на плоштадот во Скопје да направеа напор да се донесе во Куманово и во овој момент ќе немавме ниту проблем со водовод ниту канализациона мрежа-праша Стојковски.

Додаде дека јавното претпријатие со сопствени проекти изминативе пет години донело близу седум милиони евра средства од ИПА фондови и Европската инвестициона банка.

 

 

 

Коментари

коментар(и)