Презентиран проектот „ Биди во тек “

Во рамките на проектот „Биди во тек“ , хуманитарното здружение „Мајка“  денеска преку презентација го промовираше Центарот за сексуална едукација на младите. Целта на проектот е врсничка сексуална едукација на младите од 14 до 18 годишна возраст во сите основни и средни училшта во градот на македонски и на албански јазик, информира координаторката Ивана Лазаревска.   

-Како идеја ни дојде бидејќи сексуалната едукација секогаш е табу тема и нема доволно вакви предавања и едукации, секогаш е потребно младите повеќе да осознаат за оваа тема. Ова е всушност врсничка едукација која што ја вршат млади од медицинската струка во „Наце Буѓони“ .  Тие се обучени претходно од гинеколог и вршат врсничка едукација на нивните врсници. Така е осмислен овој проект за да младите бидат повеќе отворени за прашања, покомуникативни и повеќе да не се срамуваат и да прашуваат повеќе за оваа тема. Во рамките на овој проект е отворен Центар за сексуална едукација во средното училиште „Наце Буѓони“ , изјави Ивана Лазаревска, координаторка на проектот

Проектот „ Биди во тек “ на хуманитарното здржение „Мајка“  е дел од Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан , финансирана од ЕУ, а спроведувана од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Според претседателката на „Мајка“,  Лидија Илијевска , податоците покажуваат дека на младите им е потребна соодветна едукација за да не доаѓа до несакани последици, како што се несакана бременост, заразување од различни полови заболувања.

Проектот е поддржан и од Општина Куманово. Локалниот координатор на програмата Цоки Ристовски информираше  дека пред две години Општина Куманово има потпишано меморандум за соработка со УНДП  за финансирање на невладини организации кои што ќе се јават на јавен повик во одредени области кои што се приоритет за граѓаните .„Биди во тек “ е еден од петте проекти кои биле избрани за финансирање од УНДП и локалната самоуправа.

Центарот за сексуална едукација на младите е сместен во средното техничко училиште „Наце Буѓони“ , а интенцијата е по завршувањето на проектот, обучените тимови за врсничка едукација да продолжат да ги едуцираат младите, односно работата со центарот да ја преземе училиштето, вели директорот  Драган Јаневски.

На крајот од презентацијата беше прикажан и спотот „Биди во тек“ , кој се емитува на Телевизија Плус и Телевизија Феста.  

Активностите во рамките на проектот  отпочнаа на 20 јануари, а ќе траат  до 20 јули годинава.

Коментари

коментар(и)