Препукувања и караници во Советот

По многуте караници и препукувања помеѓу советникот од ГРОМ, Зоран Петрушевски со претседателката на Советот на Општина Куманово Атина Мургашанска, му беше одземен зборот по што беше прогласена пауза.

До караницата дојде откако советникот Петушевски постави прашање за притисок врз просветните работници во градот да прават списоци со гласачи за референдумот кој се одржа во недела.

– Прашањето е во однос на ангажманот на општинските луѓе, градоначалникот, директори на јавни претпријатија, школи во општина Куманово, кои се вклучија во кампањата на еден најбезобзирен начин, па инсистираа, особено зборувам за школите, инсистираа од младите колеги и колешки да прават списоци со роднини и пријатели кои ќе гласаат, ги ставија во мат ситуација тие луѓе и буквално приморани и злоупотребени како такви излегуваа на овој референдум, рече Петрушевски.

Тука беше прекинат од претседателката Мургашанска која рече дека советникот половина час поставува прашања, на што тој и рече дека е многу нервозна.

– Процедурално за вас и за сите, прашањето треба да е кратко и јасно при што членот на советот треба да одлучи на кого му е упатено прашањето, член 17. Мислите дека јас немам што да кажам за референдумот или другите колеги? Сите имаме да кажеме и за вашата антикампања и вашите напори да не се спроведе и нема тоа да го рапсраваме денеска, не сме надлежни колега. Не е во доменот на локалната самоуправа, рече Мургашанска.

Нема повеќе сендвичи и автобуси, беше одговорот на градоначалникот Максим Димитриевски.

– Ниту сум запознаен, ниту ќе дозволам нешто такво. Мора да сме искрени самите кон себе и јавноста дека сите ние кои сме овде во оваа сала, најголем дел од директори, раководители, вработени, членуваат во одредени политички партии. Доколку се повикани на партиски состанок нивно индивидуално право е дали ќе го посетат. Најодговорно тврдам дека во Општина Куманово, почнувајќи од мене, завршувајќи до било кој од раководителите нема извршено никаков политички притисок во однос на учество на избори, секој кој се ангажирал, било на доброволна база, нема повеќе автобуси и сендвичи, нема повеќе списоци и редици, тоа повеќе не функционира и јас такво нешто нема да дозволам додека сум градоначалник на оваа општина, рече Димитриевски.

Откако незадоволен од одговорот, советникот Петрушевски рече дека градоначалникот се однесува безобразно и најави дека ќе го бојкотира. Во тој момент претседателката на советот прогласи пауза поради непочитување на деловникот на работа.

По паузата од половина час повторно дојде до препукувања на истата тема, при што Димитриевски му порача на советникот да ја праша својата сопруга дали имало притисоци врз јавната администрација, со оглед дека истата работи во општината, на што тој реагираше дека зборува за просветните работници и со висок тон започнаа да се разменуваат препукувања.

Петрушевски му сврте грб на градоначалникот, по што ја напушти седницата на советот, откако претседателката Атина Мургашанска му рече тоа да го стори самоиницијативно, бидејќи во спротивно ќе биде отстранет присилно.

Коментари

коментар(и)