Претседателот Пендаровски со честитка по повод 23 Октомври -Денот на македонската револуционерна борба

Претседателот Стево Пендаровски упати честитка до граѓаните по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, во која наведува дека датумот на основањето на македонската револуционерна организација е пресвртната точка од која започна долгиот и макотрпен пат за создавање на независна македонска држава.

– Нека ни е честит 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба. Благодарение на визијата на тогашните напредни интелектуалци за слобода и за правда, се осмисли почетокот за револуционерна борба и се обединија прогресивните сили во стремежот за остварување на националните и социјални идеали.

Во македонската револуционерна организација, посочува Пендаровски, имаше различни пристапи, концепти, идеолошки сфаќања, но секогаш само една и единствена заедничка идеја ‒ Македонија слободна и независна.

– Без разлика на вера, етникум, идеологија, партиска или каква било припадност да се обединиме околу идејата за демократска, развиена, напредна и просперитетна Република Северна Македонија. Да ги надминеме предизвиците на нашето време, да си ја сакаме и чуваме државата, да не се арчиме со меѓусебни судири и да го оставиме личниот интерес и суетите настрана, наведува претседателот Пендаровски во честитката по повод државниот празник 23 Октомври.

 

Коментари

коментар(и)