Привршува реконструкцијата на „Карпош“ во Умин дол

При крај е реконструкцијата на основното училиште Карпош во село Умин дол. Од ова училиште информираат дека е заменет покривот, објектот доби нова енергетски ефикасна фасада, променети се подовите, вратите прозорци, инсталација на парно греење, адаптирани се санитарни јазли и пристапни рампи за ученици со попреченост и се организира и адаптира училишниот простор. Инсталирана е и нова водоводна мрежа.

-Овој проект е поддржан финансиски од Министерството за образование и наука и општината, информираше и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

Реконструкцијата почна во јануари, годинава. Ова е едно училиште каде поради целосна реконструкција наставата се изведува онлајн. Претходно, претставниците од училиштето, Министерство за образование и наука и Сектор за образование при Општина Куманово ги потпишаа договорите за почнување на реконструкцијата која се реализира преку проектот „Реконструкција на училишни објекти на основни и средни училишта“ и со поддршка на општина Куманово.

Во ова училиште настава на македонски наставен јазик следат 131 ученик од прво до деветто одделение. Училиштето има и едно подрачно училиште во соседното село Љубодраг, каде што овој месец почна реконструкцијата. Наставата се изведува во две смени. Од годинава воведен е втор изборен јазик српски кој го следат учениците од училиштето, од двете села од кумановско.

Коментари

коментар(и)