Продолжи судењето за малиот Алмир

Обвинетиот за убиство со умисла на четиригодишниот Алмир , кумановецот Бобан Илиќ во тој момент бил во состојба на сочувана свест, бил во можност да управува со своите постапки, но истите делумно биле ограничени поради афект на страв и доживување закана за физичкиот  интегритет,  рече на денешното рочиште  невропсихијатарот кој учествувал во изработка на вештачењето. Според вештото лице, во случајов немало елементи  на умисла бидејќи обвинетиот не се наоѓал во привремено душевно растројство, ниту пак е психопатска личност.

Наспроти ова, адвокатите на семејството Алиу и на тројцата обвинети за насилство сметаат дека психијатриското вештачење е нецелосно и бараат дополнително вештачење.

– Во овој случај имаме доказ – снимка , имаме доказ-  начин на движење , ваквиот начин со обидот на прикривање и селективна изработка на вешто лице навистина не доликува на вештакот кој што денеска беше сослушан, изјави Асмир Алиспаиќ, адвокат на обвинетите за насилство

-Очекуваме благовремено oсновниот јавен обвинител да поднесе предлог за дополнување на истото и сметаме дека во наредната главна расправа ќе имаме и едно друго сеопфатно и поцелосно вештачење,  изјави Ибрахим Бајрами , адвокат на семејството Алиу

Адвокатите на семејството Алиу бараат најстрога затворска казна за 30-годишниот  Илиќ.

Адвокатот на првообвинетиот, Стеван Павлевски пред судот рече дека во целост се согласува со исказот и извештајот на вештото лице.

Немилиот настан се случи на 26 јуни минатата година по расправија за чекање ред за инјекција во кумановскиот Здравствен дом. Сега обвинетиот се товари дека намерно го прегазил четиригодишното дете, кое како последица на нанесените повреди почина една недела по несреќата.

Коментари

коментар(и)