Проект „Инклузивни избори “

„Инклузивни избори : Овозможување на инклузивна изборна средина за лицата со попреченост“  е проект што се реализира од здружението „Инклузива“ од први март годинава. Поголемиот дел од активностите предвидени во предизборниот период  веќе се реализирани, а денеска „Инклузива “ ги обучува слепите лица за гласање со шаблон и граничникот за потпишување, информира претседателката Благица Димитровска.

– Досега реализиравме дводневна обука за набљудувачите  каде што ги информиравме што треба, а што не треба да прават, дека треба да ги почитуваат Изборниот законик и Кодексот за набљудување, но исто да набљудуваат бидејќи нашето набљудување е различно од другите организации кои вршат мониторинг на изборните процеси. Исто така некои од нив беа набљудувачи на референдумот и знаат што и како треба, но има и ново вклучени лица кои за првпат ќе се најдат  од другата страна, не само како гласачи. Од нивните изјави видовме дека се многу мотивирани затоа што нивната самодоверба расте. Секако одржавме работилници и со избирачки одбори, но и со тренерите за обуките. Една новина од оваа година што се случи е дека Инклузива веќе има две лица со попреченост кои што се сертифицирани обучувачи на Државна изборна комисија затоа што ДИК оваа година обуките ги спроведуваше на сосема поинаков начин, изјави Благица Димитровска, претседател на здружение „Инклузива “

Избирачките одбори во идинина треба континуирано да се обучуваат , а обуките ќе ги спроведуваат  40 сертифицирани обучувачи, посочува Димитровска. 

-Целта на проектот е да помогнеме на државните органи, но исто така да ги едуцираме и лицата со попреченост, да ги мотивираме и еден ден да има пратеници во нашиот Парламент.  40 лица со попреченост ќе бидат на гласачките места, но секако и тимот на „Инклузива“, значи околу 45 луѓе од „Инклузива“  ќе ги следат изборите. Во исто време тимот на „Инклузива“  ги следи политичките партии, нивните кампањи, медиумските известувања, политичките дебати, ја следиме ДИК, општинските изборни комисии, избирачките одбори, но и новините кои ги воведува ДИК. Оваа институција според нас е најотворената институција за соработка со невладиниот сектор и за тоа има големи промени во однос на гласачкото право за лицата со попреченост, но ќе има и понатаму, постојано соработуваме и се што се прави од страна на ДИК се бараат препораки од наша страна или забелешки за да биде соодветно и да е корисно за лицата со попреченост, изјави Димитровска. 

Од „Инклузива“ нагласуваат дека споредбено со претходните предизборни кампања, сегашната е многу попристапна за лицата со попреченост посочувајќи ги веб страниците, видеата, постерите односно целиот рекламен материјал во врска со предизборната кампања на кандидатите за претседател.

На денот на изборите набљудувачи на Инклузива ќе вршат мониторинг на изборниот процес во повеќе градови и гласачки места, а во канцеларијата во Куманово ќе биде прес центарот.

Проектот „Инклузивни избори : Овозможување на инклузивна изборна средина за лицата со попреченост ќе трае до 28-ми февруари 2020-та година.

Коментари

коментар(и)