Промовирана најновата книга на Оливера Доцевска

„Естер Ихаз“ е насловот на најновата поема на кумановката Оливера Доцевска која синоќа беше промовирана во Центарот за култура Трајко Прокопиев. Стиховите во вид на пиеса ги изведоа младите актери Мики Јаневски и Симона Атанасовска, по сценарио на Ана Љубиќ, а во режија на Тони и Кристина Станковски.

– Навистина бидејќи оваа година чествуваме 500 години Куманово јас навистина ова го чуствувам како дар, на мојот најдраг град, иако голем дел од животот го поминувам во Скопје. Навистина сум трогната што сум во мојот град, секогаш е најтешко да се презентира делото во сопствениот град. Досега тоа било пред малобројна публика во библиотеката но оваа година ми е драго што сум тука-истакна авторката на делото, Оливера Доцевска.

Книгата пред кумановци ја презентираа актерката Кети Дончевска Илиќ и новинарката Јасмина Тодоровска. Рецензенти на делото се Марина Мијаковска и Паскал Гилевски.

-Поемата Естер Ихаз е поема од која извираат бескрајни емоции, тажни и среќни, не секогаш јасни, не секогаш допирливи, особено со човечкиот ум и мисла. Овие стихови од поемата пореполни со емоции, стихови обземени од љубовта, стихови кои ја допираат душата и нудат чувсто кое само се доживува, искрено верувам дека ќе бидат и повеќе од предизвик оваа книга да се најде и во вашите раце-истакна Кети Дончевска Илиќ, промотор на поемата.

– Ова уметничко дело се вбројува во жанрот на епско лирска поезија, на прв план ја става љубовта помеѓу двата несекојдневни ликови, на една страна е принцезата која се вљубува во воинот. Имаме епска приказна раскажана преку стихови, која укажува на постоење на еден свет во кој ценетата љубов е на специфичен начин со интимни чувства. Преку возбудливи драматични ситуации го следиме почетокот, развојот и текот на една необична но цврста љубов со среќен крај-нагласи Јасмина Тодоровска, новинар.

Авторката, Оливера Доцевска дипломирала на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Правен факултет, правни студии, казнено правна и меѓународно правна група. Работи како адвокат, во Скопје. Магистрант е на Мастер студии Дипломатија и меѓународни односи на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Правен факултет, политички студии.Таа е поетеса, активист за човекови права, есеист, колумнист, приредувач и преведувач, уредник на нејзиниот портал за општество и култура budnost.mk.

Од 2012 година член е на Друштво на писатели на Македонија – ДПМ, а од 2014 – 2018 година е претседател на статутарна комисија на ДПМ воедно и член на Собраниски одбор на ДПМ. Нејзиното книжевно творештво опфаќа повеќе дела поезија и проза, колумни, есеи, преводи, приредени антологии и збирки поезија, преведена е на повеќе јазици и добитник на неколку награди за поезија.

Коментари

коментар(и)