Пронајдено телото на исчезнатиот Драган Цветковски

Педесет и деветгодишниот Драган Цветковски кој веќе два месеци се води како исчезнат, вчера попладне бил пронајден мртво во водите на реката пчиња во атарот на селото Студена Бара, Куманово.

Според раскажувањата на мештаните на Студена Бара безживотното тело, закачено на гранка во водата го нашол случаен минувач и пријавил во полиција. Откако синот на Цветковски слушнал дека било пронајдено некое тело, сам отишол во селото. Го препознал и идентификувал. Како што вели самиот го препознал по неговиот чевел уште додека го ваделе телото, но нема претстава како истиот можел да заврши таму.

Од Основното јавно обвинителство Куманово вчера во доцните попладневни часови ја потврдија информацијата и рекоа дека син на жртвата извршил идентфицикација на трупот, но поради степенот на распаѓање ќе биде направена ДНК анализа за утврдување на идентитетот на жртвата. Телото е предадено на обдукција, а во текот на денешниот ден ќе биде познат идентитетот и причините за смртта.

Драган Цветковски исчезна на 19 декември откако излегол од неговиот дом во населбата Гоце Делчев и му се губи секаква трага. Имал здравествени проблеми, а неговото семејство организираше неколку акции заедно со доброволци од Куманово за да го пронајдат Цветковски и постојано преку локалните медиуми апелираа некој да им помогне. Од полицијата бараа да ги разгледа сообраќајните безбедносни камери, но тоа никогаш не им беше дозволено, со што тие упатуваа и јасни пораки доколку не работат да се поправат, а доколку работат да им се помогне да знаат каде да ја насочат потрагата, но и тоа беше неуспешна мисија.

Во август месец исчезна и седумдесет и едногодишната Душанка Митровска која се одалечила од својот дом на улицата „Тоде Думба“ и тука и се губи секаков траг. И таа како и Цветковски имала здравствени проблеми и исто така последен пат била видена во населбата Гоце Делчев, но и ден денес Митровска се води за исчезната.

Нејзината ќерка во телефонски разговор ни рече дека и покрај тоа што веќе шест месеци нема трага од Митровска, сепак не ја губат надежта. Таа апелира ако некој и после толку време ја препознае да се јави во полицијата, но како што додаде со оглед на долгиот временски период од кога е исчезната свесни се дека со неа се случило најлошото.

Коментари

коментар(и)