Реконструираниот хотел Солун станува културен споменик на градот

Целосно е реконструирана зградата на поранешниот хотел „Солун“ во Куманово и пуштена во употреба како културен споменик на градот, а со тоа заврши и проектот „Заедничка историја и култура – Мост преку границите“ што се спроведуваше во партнерство со Општина Дупница од Бугарија, а со поддршка на ИПА програмата.

Раководителот на Секторот за меѓународна соработка и евроинтеграции, Александар Крстевски, на завршната прес -конференција која се одржа во зградата на поранешен Комитет соопшти дека се изградени дополнителни простории со цел да се обезбеди функцијата како културен институт со складишна, лабораториска и изложбена сала за стариот градски животен стил во прекуграничниот регион.

-Додека во просториите на Хотел „Солун“ ќе се обезбеди простор за одредени организации и дел од општинската администрација и инфо точка каде сите граѓани ќе можат да земат информации за случување во градот и тековните активности, рече Крстевски и додаде дека преку истиот проект, е обезбеден пристапот на лицата со хендикеп во Општинскиот културен институт во Дупница.

Во рамките на проектот кој поранешен хотел „Солун“ го претвори во културен објект, набавен е и мебел и опрема со цел да ги обезбеди новите функции како културно и туристичко место.

– Идејата е подобрување на туристичкиот потенцијал и зачувување на културното наследство на прекуграничниот регион со примена на иновативни средства за туристичка промоција, изјави Крстевски.

Вкупната вредност на проектот изнесува околу 500.000 евра, средства од програмата за прекугранична соработка на ЕУ, а рамномерно распределени меѓу двете општини Куманово од Македонија и Дупница од Бугарија.

Коментари

коментар(и)