Реновирани простории во „Зафир Сајто“

Во Домот за стари лица „Зафир Сајто“ денеска беше пуштен во употреба реновираниот дел, односно таканаречен прв реон. Обновени се 13 соби, 15 тоалети и 1 купатило, за што се потрошени 3 милиони и 600 илјади денари, средства обезбедени од буџетот на установата. Директорот, Џемаљедин Неџипи истакна дека од година в година значително се подобруваат условите за сместување во домот.

-Пред една година беше пуштено во употреба реновираниот дел од геријатријата и тогаш ветив дека ќе продолжиме да инвестираме и во други простории, со цел нашите корисници да бидат задоволни со нашите услуги за сместување кои ги нудиме. Нашата стратешка цел е на корисниците да им обезбедиме активен социјален живот, квалитетни здравствени услуги и добри услови за сместување и ова се обидуваме да го реализираме со нашиот финансиски капацитет кој го имаме но за да можеме да го зголемиме квалитетот на повисоко ниво ќе ни треба помош и од други субјекти, како Министерство за труд и социјална политика, Општината –изјави тој.

Градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски истакна дека сработеното е резултат на успешно менаџирање со јавната установа.

-Се надевам во иднина уште повеќе ќе се заложиме да создадеме и нови просторни можности, а се надевам дека и Министерството за труд и социјална политика ќе има еднаков пристап до сите општини, за да во иднина имаме нов дом, проширување, реновирање, и адекватни услови за оваа категорија на луѓе од 3-тата доба, кога имаат потреба од згрижување, нега и медицински надзор-нагласи тој.

Домот за стари лица во јануари склучи договор со општата болница Куманово, за посета на интернист и психијатар. Согласно договорот, овие медицински лица ќе имаат обврска еднаш неделно да ги прегледуваат корисниците на установата. Инаку во Зафир Сајто се сместени 140 стари луѓе од повеќе градови од Македонија. Домот е еден од најстарите во државата  и затоа надлежните планираат во текот на годинава да одвојат уште 2 милиони денари за реконструкција на останатите простории.

 

Коментари

коментар(и)