Реновирано основното училиште „Браќа Рибар “

Реновирано е основното училиште „Браќа Рибар “ во Табановце.  Обновените простории денеска имаа можност да ги посетат  претставници на донаторите, Македонскиот центар за граѓанско образование и Католичката служба за помош, ЦРС. Инвестицијата е вредна 50.000 долари.

– Тука бевме активни поради мигрантската криза во регионот и препознавајќи ја подршката на целокупната заедница во целата криза ова беше наш начин да и се одолжиме на заедницата и да кажеме „благодариме“ за тоа што оваа заеедница го понесе како товар во целата криза.  Се додека постои проблем во државата ние ќе бидеме тука и нормално ќе продолжиме со нашата поддршка базирано пред се на она што заедницата ќе го идентификува како проблем и заедницата ќе го истакне како проблем за приоритетно решавање, независно дали се работи за образование или за друг аспект од интерес на заедницата,  изјави Џошуа  Кајлер  – регионален координатор за вонредни состојби

Со оваа реконструкција значително се подобрени  условите за спроведување на воспитно -образовниот процес  во „Браќа Рибар“, сметаат надлежните.

-Имавме реконструкција на училишните подови во училиштето кои беа стари , дотраени дрвени подови со ПВЦ под , а исто така ни ги сменија и прозорците со нови алуминиумски прозорци и врати на сите простории во училиштето, со тоа што нашиот простор сега е многу поубав а исто така и хигиената е на многу повисоко и завидно ниво , изјави Светлана Стефановска, директорка на ООУ „Браќа Рибар“

Ваквите донации и  инвестициони активности кои што најчесто се реализираат во воспитно- образовниот процес се многу значајни за општина Куманово во време кога е во подлабока финансиска криза и не може да ги заврши наверемено сите обврски, смета раководителот на секторот за образование Жика Крстевски.

-Донациите на некој начин станаа главен двигател на подобрување на условите за настава во воспитно образовните установи. Јас би сакал посебно да го потенцирам учеството на Македонскиот центар за граѓанско образование кој е еден голем пријател на Куманово и кој ги изнаоѓа сите овие донатори и воглавном секоја шанса што ја има ја насочува одредената донација во општина Куманово на тој начин е и оваа и претходните донации што ги имавме –изјави Жика Крстевски, раководител на Сектор за образование

Централното основно училиште„ Браќа Рибар“ има четири подрачни училишта лоцирани во селата Сопот, Горно Којнаре, Четирце и населеното место Костурник. Наставата се одвива на три наставни јазици, македонски, српски и албански. И во ова училиште годинава е намален бројот на запишани ученици поради нивното заминување во странство. Ова се однесува и на првачињата.

Коментари

коментар(и)