Болницата го реновираше стариот ургентен центар

Санација на стариот ургентен центар и воведување нов наплатен паркинг се двете инвестиции кои со сопствени средства ги реализираше Општата болница Куманово.

Општата болница во Куманово со сопствени средства го реновираше стариот ургентен центар. Директорката на оваа јавна здравствена установа, Снежана Захариева информираше дека во одделот ќе бидат згрижени сите итни случаи, од сите старосни граници, а подоцна по потреба ќе се упатуваат и на другите одделенија.

-Замислата кога го реновираме овој стар ургентен центар, беше да се направи добра тријажа на пациенти, да се види што е итно, што е нешто што би поминало со терапија и да биде понатаму упатено на матичен лекар, но пред се да се направи една средина која ќе биде пријатна и за пациентите но и за вработените. Во новиот ургентен центар доаѓаат ургентните хируршки состојби дали станува збор за трауми, акутни страданија што се во домен на хирургијата. Овде доаѓаат и други ургенти состојби дали станува збор за акутни миокардни инфаркти дали за ургентни состојби кај децата, се она што е итно а што не можело да биде згрижено кај матичен лекар-истакна таа.

Во рамки на центарот функционира и добро опремена дневна болница.

-Имаме една мини дневна болница со два лежечки кревети, каде можат децата да примат терапија, инфузија да се рехидрираат да бидат опсервирани од лекар и сестри па она што се подобро може да продолжи на домашно лекување, а она што ќе се покаже и според лабораториските параметри и другите испитувања што ќе се направат ако се покаже дека станува збор за некоја состојба која бара болнички третман ќе биде упатено на некој од нашите оддели-дополни Захариева.

Од општата болница Куманово информираат дека во моментот располагаат со доволен број на лекари, а дел од нив треба да заминат и на специјализација.

-Добрата страна е што и овде има добра комуникација и со новиот ургентен центар, тука на располагање се лекари специјалисти, како и специјализантите на хирургија кои се на чекор на станат специјалисти секогаш се на располагање на консултација на помош, што е добра страна нашите колеги да постават исправна дијагноза и пружат адекватен третман на пациентите-дополни таа.

Инаку од неодамна во болницата функционира и нов наплатен паркинг центар, кој функционира со два влеза.

-Ова е фреквентна болница, регионална во која што доаѓаат итни случаи не само од Куманово туку од целиот североисточен регион, сега за промена имаме два влеза едниот служи за влез на службени возила дали се амбулатнски, возила на добавувачи, полиција, другиот е за возила на пациентите кои што доаѓаат во нашата болница, излезот е на друга страна. Се излегува во близина на новиот ургентен центар, може да се забележи дека нема метеж на самиот влез од една страна влегување од друга излегување и со контрола на софтверска куќа се избегнуваат секакви можни злоупотреби-изјави Захариева.

Новиот наплатен паркинг е исто така од сопствени средства на кумановската болница.

Коментари

коментар(и)