Самохран татко принуден да ги даде децата во Дом

Очаен татко е принуден  да ги даде ќерките и синовите во Дом за деца без родители за да ги спаси од глад и студ. 41 годишниот кумановец Роберт Маличевиќ е самохран родител со шест  деца, од 8 годишна возраст до 18 години. Никогаш не помислувал дека ќе дојде време да се откаже од своите чеда кои последниве 8 месеци ги чува сам , во туѓа куќа, без ничија помош.  Социјалното во износ од 3200 денари е доволно само за храна. Поради долгови,  во единствената соба во која што живеат нема струја веќе шест месеци.

– Одвај излегувам на крај, дали да се купи леб, дали да се купи свеќа без струја сме, децата сакаат во топла соба, студено е, оваа зима ја претеравме многу тешко, од сите страни е студено, сакам да ми се помогне, изјави Роберт Маличевиќ, социјалец

Безнадежниот татко собира пластични шишиња, но и од тоа не може да заработи повеќе од 800 денари месечно, бидејќи многу луѓе преживуваат токму од продажба на пластика. Повремено сезонски се вработува, но од друга страна пак ја ризикува безбедноста на своите деца бидејќи ги остава дома самите да се грижат за себе. Две од нив се лица со интелектуална попреченост , а ниту едно не оди на училиште.

-Куќата не е моја, на вујко ми е, живеам во една соба, сите спиеме на еден душек со едно ќебе се покриваме, би  порачал доколку може државата да ми помогне околу децата да ме финансира , да ми помогне за децата, за храна, обувки, или ако може јас сум без куќа немам каде да одам бидејќи ми рече вујко ми летоска да се исселам оттука, а јас каде да одам со децата, немам ни куќа, изјави Малиќевиќ.

Роберт со тешко срце ја раскажа својата тажна животна приказна. Сега се на потег  хуманите граѓани, невладините организации и институциите.

 

 

 

Коментари

коментар(и)