Свечено отворање на затворениот и отворениот базен

Со пригодна спортско културна уметничка програма и огномет, во понеделник, на први август во 20 часот, свечено ќе се пуштат во употреба затворениот и отворениот базен. За добрата забава ќе се погрижат кумановските пејачи Мартинијан Кириловски, Ивона Јовановиќ и Мартија Станојковиќ, заедно со бендот Де марбл. Градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски со задоволство истакна дека по тригодишно пролонгирање поради финансиски потешкотии, граѓаните конечно ќе можат да уживаат во базените.

-Tоа е еден прекрасен објект за професионални спортски натпревари каде со посебна програма ќе бидат вклучени училишниот спорт, пливачките клубови и рекреација за граѓаните. Отворениот базен исто така ќе биде на услуга на граѓаните на Куманово капацитетот е околу 200 луѓе. Ќе има можност и за културно забавен живот, така што на некој начин долгоочекуваниот проект ќе биде пуштен во употреба. Со гордост го претставувавам овој проект кажав дека по моите сознанија во последни 10 години таков проект нема направено во Mакедонија-истакна тој.

Дамјановски нагласи дека поради законски пречки со двата објекти привремено мора да стопанисува општината, односно Секторот за култура и спорт,  иако првично било планирано тоа да го прави едно од поголемите јавни претпријатија.

-За деца до 7 години картата ќе биде бесплатна, за 7 до 14 ќе биде 75 денари, а за возрасните 150 денари, за отворен базен,  додека за внатрешниот базен дневна карта е 200 денари бидејќи таму има енергенси, хемикалии за одржување и т.н. Подготвени сме по иницијатива на клубовите, граѓаните и да имаме поволности со одлуки на Советот за определени активности на невладини органиазции и сите оние кои ќе го практикуваат овој спорт-додаде Дамјановски.

Инаку од први август ќе се пушти во употреба отворениот базен, додека затворениот ќе може да се користи од септември. Првиот човек на Куманово, нагласи дека е во тек тендерска постапка за уредување на паркот, кој ќе се наоѓа во близина на базените. Тој се надева дека во иднина на ова место ќе се најде и спортски комплекс,  со хотел, продавници за спортска опрема, кафулиња  и слично. Дамјановски ги покани граѓаните со своето присуство да ја збогатат оваа манифестација. Инаку гледачите на телевизија Плус ќе имаат можност директно да го следат преносот од свеченото отворање.

 

 

 

 

Коментари

коментар(и)