Северна Македонија на 57. место според Индексот на слобода на медиуми на Репортери без граници

Северна Македонија е на 57-мо место на листата од 180 земји според Индексот на слобода на медиумите на Репортери без граници за 2022 година, што е скок од 33 позиции во однос на лани кога беше рангирана на 90. место.

Во Извештајот за државава се наведува дека иако новинарите не работат во непријателска атмосфера, распространетите дезинформации и недостигот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади.

Во однос на политичкиот контекст се наведува дека „целокупната средина останува поволна за слободата на печатот и дозволува критичко известување, иако транспарентноста на институциите е прилично слаба. Поради силната политичка поларизација, медиумите можат да бидат подложени на притисок од страна на властите, политичарите и бизнисмените”.

Во однос на правната рамка се наведува дека додека Уставот ја гарантира слободата на говорот и забранува цензура, земјата заостанува во однос на усогласувањето на законодавството за медиумите со стандардите на Европската Унија, на која има намера да се приклучи.

За економскиот контекст се вели дека „иако одредени видови медиумска концентрација се забранети со закон, редакцијата на некои од главните ТВ канали е изложена на економски притисоци од нивните сопственици. Државното финансирање е ограничено и нетранспарентно, а независните медиуми во голема мера се потпираат на донаторите. Странските грантови засновани на проекти придонесуваат само за опстанок, но не и за понатамошен развој. Постои влијание меѓу маркетиншките агенции и одредени медиумски куќи”.

Во однос на социокулурниот концепт се наведува дека иако не постојат јасни ограничувања во социјалната и културната средина кои влијаат на слободното новинарство, социјалните мрежи и дигиталната сфера генерално го фаворизираат ширењето на дезинформации и сајбер-закани.

Во однос на безбедноста се наведува дека иако 2021 била релативно мирна, новинарите се често мета на вербални напади, се наведува во Извештајот на Репортери без граници за Северна Македонија во однос на Индексот на слобда на медиумите.

 

Коментари

коментар(и)