Се намалува бројот на првоодделенците

Намален е бројот на запишани првоодделенчиња во основните училишта во однос на минатата година, за 184 деца, информираат надлежните од општина Куманово. Според првичните податоци, од први мај досега запишани се 1.020 ученици, иако на списокот на новороденчиња од 2013 и јануари 2014 има 1.506 деца, посочуваат од секторот за образование потенцирајќи дека недостасуваат 497 деца.

-Постојано го констатираме тоа дека не се ажурираат податоците од годината на раѓањето до уписот во прво одделение. Ова е веќе индикативно, околу 500 деца недостасуваат , но се надеваме дека со пописот кој ќе се спроведе наредниот период ќе добиеме релевантни податоци. Извесен период регистриравме намален број на запишани првачиња, па следуваше период на стабилизација сега повторно се соочуваме со помал број запишани ученици во однос на минатата година, изјави Жика Крстевски, раководител на Сектор за образование

Податоците покажуваат дека досега најголем број на запишани првоодделенци има во „Кочо Рацин“  – 144, потоа следува училиштето „Браќа Миладиновци“ со 132 запишани првачиња, 114 во „Крсте Мисирков“ , 112 запишани првачиња во „ Христијан Карпош“.  Во „Толи Зордумис“ од 87- те планирани првачиња по реон запишани се 47, а најмалку се запишани во „Вук Караџиќ“, само шест деца од планираните 57, земајќи ја предвид реонизацијата.

Раководителот Крстевски се надева дека согласно праксата која се повторува изминатите години,  дел од учениците ќе се запишуваат и во летниот период,  па дури и на почетокот на септември.

Овие податоци, додава Крстевски ќе бидат доставени и до ресорното министерство и до советот на општината.

Втор проблем со кој се соочуваат дел од училиштата е непочитувањето на реонизацијата од страна на родителите при упис на децата. Две училишта „Толи Зордумис“ и „Вук Караџиќ“ се соочуваат со недостиг на деца на сметка на централните училишта каде бројката во одредени паралелки е доста поголема од законски предвидената, потенцираат надлежните.

– Во одредени училишта се намалува бројот на учениците, а во училиштата во централното градско подрачје имаме дури и поголем број од максимално утврдениот број што е казниво и за што оваа година со Државниот просветен инсекторат имаме упатства да ги провериме сите училишта за да не се оптоваруваат со 35 , а има случаи и со 37 и со 39 ученици.

Тоа веројатно ќе се елиминира со најавата на новиот Закон за основно образование кој е во фаза на јавна дебата и треба до почетокот на новата учебна година да биде донесен каде што се предвидува бројот на учениците да биде помал, од 20 до 30 со што тоа пречекорување на бројката веројатно ќе им даде поголема шанса на оние училишта кои што мигрираат децата, не природно, туку тие таму живеат но нивните родители ги запишуваат во централните училишта. Ова малку повеќе го потенцирам затоа што е проблем на две училишта „Толи Зордумис “ и „Вук Караџиќ “ каде што децата кои што живеат таму и имаат подобри услови за работа во паралелки со помал број на ученици, да не одат во централните училишта затоа што настава со 39 ученици и со 15 е голема разлика , така што родителите би требало тоа да го имаат предвид, изјави Крстевски.

Крстевски најави дека Државниот просветен инспекторат ќе ја следи ситуацијата по училиштата токму во однос на запишаните ученици во некои паралелки.

Речиси и да нема училиште во Куманово, освен централните каде што бројката на запишани ученици се намалува. Во првото полугодие од претходната учебна година се отпишале 61 ученик, информира  Крстевски и додава дека од училиштата има најави дека во летниот период ќе има уште отпишувања.

Коментари

коментар(и)