Се одбележува Недела на гладта

Општинската организација на Црвениот крст од Куманово организира продажба на вредносни ваучери по симболична цена
од 20 денари.  Целта е  собирање на средства за изработка на прехранбено-хигиенски пакети кои подоцна ќе бидат доделени на социјално најранливите семејства од градот. Хуманитарната акција е по повод Неделата на гладта која ссекоја година се одбележува од 16 -ти до 22  октомври.

Инаку, Црвениот  крст на Република Македонија се вклучува во одбележување на неделата на гладта преку организирање на кампања под мотото „Помислете и на нас“. Со кампањата, како и со многу други хуманитарни активности, Црвениот крст дава придонес во севкупните напори кои се преземаат во државата за намалување на сиромаштијата и социјалната исклучениот на граѓаните, како една од главните цели на стратегијата, документ  кој ја отсликува интенцијата на Република Македонија за изедначување на степенот на вклученост и добросостојба низ сите слоеви од општеството.

Во рамките на кампањата се организираат хуманитарни акции за обезбедување донации во парични средства и храна во соработка со  образовно – воспитните институции, граѓански здруженија, стопанските комори во Македонија, како и во соработка и поддршка  на компании и  граѓани. Овие активности ќе се имплементираат преку општинските организации и Црвениот крст на град Скопје.

Донираните средства од хуманитарните акции ќе бидат наменети за обезбедување на храна за помош на ранливото население која ќе се дистрибуира преку општинските организации.

Донациите можат да се уплатат на сметката на Фондот на солидарност на Црвениот крст на РМ, како и 100 денари преку мобилни телефонски броеви.

Инаку, статистичките податоци говорат дека една осмина од светското население живее во екстремен глад и сиромаштија. Луѓето повеќе страдаат од глад отколку од сида, маларија и туберкулоза заедно. Милиони жени, мажи и деца умираат секоја година поради хронична ненахранетост која не постои само поради недостиг на храна, туку се појавува и кога луѓето немаат  можности да заработат доволно, да се образуваат и едуцираат, да ги задоволат основните здравствени потреби и да бидат вклучени во одлуките кои ја засегаат заедницата.

Организацијата за храна и агрикултура при  Обединетите нации проценува дека постојат 805.000.000 гладни луѓе во светот.  Ова значи дека тие редовно немаат доволно храна за да живеат активен живот.

Коментари

коментар(и)