Се одржа „Пивтијада 2019 “

Осумнаесет натпреварувачки од Куманово и Старо Нагоричане учествуваа на традиционалната манифестација „Пивтијада“ што се организира по повод Богојавление – Водици.

Пивтијата подготвена и декорирана од 38 годишната Бетка Пешевска од Старо Нагоричане, која што трет пат учествува на манифестацијата е прогласена за најдобра и највкусна пивтија на 18-тата  „Пивтијада“. Со послужување  на пивтии и предавање на кумството за наредната година Мултимедијалниот центар „Карпино“  од Куманово веќе 18 години ја организира оваа гастрономска манифестација.

– Би сакал барем на Соборниот храм Свети Никола  да подариме 20 чинии. За жал, ќе немаме доволно пивтии да однесеме и во домот за стари лица како минатата година, во другите цркви, во Порака наша итн. изјави Зоран Павловски, претседател на Мултимедијален центар „Карпино “

Годинава се подготвени околу 400 чинии пивтии во кои се употребени повеќе видови месни производи, а ги дегустираа  присутните на „Пивтијада“ Според жири комисијата најбитно е пивтијата да е приготвена од месо, а не да е желатинска, растителна или вегетаријанска. Секако дека голема улога при оценувањето има и целокупниот аранжман и декорација на зимскиот специјалитет. Организаторите се надеваат дека манифестацијата ќе се прошири.

-Она што ме води веќе 18 години е оваа манифестација да излезе на отворено или во центарот на градот и ако можеме да ги споиме нашите зимски специјалитети , тоа би се нарекло кумановска зимска шема, еден ден пивтија ,еден ден мезалк и еден ден суџук  мислам дека би била извонредна манифестација која би можела да се етаблира во Македонија и надвор од државата како економска туристичка манифестација, изјави Павловски.

Оваа идеја ја поддржуваат и од здружението на угостителите „Бисер“ од Куманово, кои го презедоа годинешново кумство на манифестацијата.

Присутните на „Пивтијада“  ги поздрави градоначалникот Максим Димитриевски потенцирајќи дека општината во континуитет ги поддржува ваквите манифестации, кои ја отсликуваат традицијата.

Претседателот на „Карпино“, Павловски нагласува дека изминативе години на оваа манифестација направени се околу 10.000 чинии пивтии.

Коментари

коментар(и)