Се отвори канцеларија за проектот„Купи куќа за млади“

Во Куманово од денеска почнува со работа канцеларијата за новиот проект „Купи куќа за млади“. Целта е проектот да се приближи до младите и да може на едно место да добијат информација за условите, учеството, банките и плацевите. Во нив се ангажирани обучени вработени кои ќе ги дадат потребните информации на младите.

-Основен проект е Kупи куќа, купи стан, а овa е нов проект Kупи куќа за млади каде што ќе ги даваме основните информации,  кои се условите, а  истите тие услови се наведени во флаери кои ќе делиме флаери а ни ги дадоа од министерството за финансии. Покрај основните услови кои треба да ги исполнуваат барателите, наведени се и 8 банки каде што се аплицира. Кај нас се добиваат само основни информации, а дополнителни, попрецизни информации може да добијат заинтересираните граѓани во  банките кои го водат овој проект, кои даваат кредит за проектот, изјави Слаѓана Лазаревска, виш соработник

Преку проектот „Купи куќа за млади“, младите до 35 години можат да добијат до 33.000 евра субвенции – неповратни средства од Владата за купување, изградба или надградба на куќа. Младите можат да бираат еден од двата модела кои им се на располагање – „Субвенција на месечната рата“ или „Субвенција на учеството“.

-Преку првиот модел – „Субвенција на месечна рата“ Владата во тек на 11 години отплаќа дел од ратата за кредит за куќа и тоа првите 8 години 80% од ратата (главнина и камата) и следните три години (9-та, 10-та и 11-та) 50% од ратата. Пресметките покажуваат дека граѓаните кои ќе го искористат овој модел можат да добијат и до 33.000 евра неповратни средства за купување изградба или надградба на куќа.

Каматната стапка за првите три години е 3,95%, за четвртата и петата 4,44%, додека понатаму каматата ја утврдува банката, но не смее да биде повисока од другите станбени кредити кои ги нуди.

За вториот модел „Субвенција за учество“, Владата субвенционира 100 отсто од учеството од кредит (до 25% од земениот кредит) за купување на куќа. Средствата кои можат да се добијат преку овој модел се до 12.500 евра.

Коментари

коментар(и)