Се реконструира објект на касарната „Боро Менков“

Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска денеска изврши увид во активностите што се изведуваат на објектот во касарната „Боро Менков” наменет за Командата на Бригадата на Југоисточна Европа – SEEBRIG.

„Од септември годинава, земјава ќе биде домаќин на оваа бригада која е една од најсилните регионални иницијативи и шест години  практично ќе бидеме домаќин на целата оваа команда“ , рече министерката Шеќеринска.

Објектот  веќе интензивно се реконструира и адаптира.

-Очекуваме околу 40 припадници на вооружените сили на земјите членки и дополнително повеќе од десет наши припадници кои што практично ќе станат дел од штабот, односно од Командата на Бригадата на Југоисточна Европа. Зградата која се реновира ќе биде центар на регионалните иницијативи и регионалната соработка. Командата и оваа бригада е иницијатива која обединува шест земји , изјави Радмила Шекеринска , министер за одбрана

„Ова е првпат ние да се домаќин на Бригадата и во овој момент практично сите земји членки, се веќе членки на НАТО“  , потенцираше Шеќеринска.

-Во годината кога станавме земја членка на НАТО, стануваме и домаќин на оваа важна регионална иницијатива и очекуваме сите подготовки за командата да бидат завршени уште во месец јуни, за да можеме да го официјализираме почетокот на нашиот мандат како домаќин на Бригадата на Југоисточна Европа. Откако ќе си замине Командата, обновениот објект останува на Армијата и ќе биде дел од реновирањето на објектите, изјави Шеќеринска

Командата на Бригадата на Југоисточна Европа претставува најзначаен и најкомплексен проект во регионалната Иницијатива за соработка на Југоисточна Европа на полето на одбраната.

Инаку, како што информираше министерката, паралелно се спроведуваат четири реконструкции на објекти во Армијата заедно со неколку проекти за модернизација на водоснабдувањето и други придружни активности на армиските објекти.

Коментари

коментар(и)